ДВЕ водечки европски енергетски компании потврдија дека преговараат со рускиот државен енергетски гигант Газпром за плаќање на рускиот гас, а во исто време тврдат дека сакаат да дејствуваат во согласност со санкциите на ЕУ и новите руски правила кои бараат од западните земји да плаќаат рускиот гас во рубљи.
„Сметаме дека е можна конверзија на плаќањата во согласност со законот за санкции и руската одредба. Унипер ќе продолжи да плаќа во евра и е во разговори со својот договорен партнер (Газпром, оп.а.) за конкретни модалитети на плаќање во блиска иднина и тоа го прави во координација со германската влада“, рече Унипер.
Што вели ОМВ?
Слична порака испрати и австриската ОМВ: „Го анализиравме барањето на Гаспром за начини на плаќање во светлината на санкциите на ЕУ и сега работиме на решение кое е во согласност со санкциите“.
Ваквиот развој на настаните следеше откако Русија ги прекина испораките на гас за Полска и Бугарија, со што драматично ескалираше нејзиниот одговор на санкциите што Западот ги воведе кон Русија поради инвазијата на Украина.