Цели три години, другарчиња, ве критикувам и ви укажувам дека не сте баш на прав пат. Знам, ви збоктисав. Ме замразивте. Но сега, после фијаското во Брисел, можеби ќе сфатите дека е време да си ги чукнете малку главите и да размислите каде згрешивте и каде сѐ уште грешите. А ако тоа не се случи, ќе грешите и понатаму, додека еден ден не излезете од ова бунило и не сфатите што сѐ сте изгубиле.
Како вчера, кога сфативте дека го губите датумот за преговори со ЕУ, вашиот влог во играта во која инфантилно заигравте „ол ин“ и потоа завршивте „ол аут“.
Вчера го изгубивте датумот, а утре, ако не ви дојде умот, ќе ја изгубите и власта. Немојте после да кажете дека не сум ве опоменал!
Ни „р“ од реформи
Барав од вас да спроведете реформи. Со неколку исклучоци во некои области, во вашите политики нема ни “р” од реформи. Немате идеи. Немате конзистентност. Не сте систематични. Во основа, вашите политики се популизам. Ребрендиран груевизам. Згора на тоа, еден трапав и неефикасен груевизам.
Погледнете што направивте во областа на правосудството, на пример, каде што ветивте најмногу – правда и мир. Борба против криминалот, поранешниот и сегашниот. И каков е резултатот? Катастрофа!
Наместо темелни реформи во системот (три комисии формиравте за тоа, сите килави), поважно ви беше да создадете една хибридна институција, СЈО, за со сите „криминалци од минатото“ да се справите „по кратка постапка“. Каква заблуда! Но ете, добивте изим, добивте поддршка од САД и од земјите членки на ЕУ, добивте и пари. Ваше беше само да работите. И што сработивте? Освен што направивте врева во јавноста и театар во судниците, баш ништо! Еден „големец“ осудивте (Груевски), па и него го пуштивте да кидне. На крајот, дознавме дека сте создале една криминогена институција, а вашата „божица на правдата“ сега е зад решетки, откако не успеавте ни другите, а ни себеси, да се убедите во нејзината невиност. Каков резил!
Мислите ли дека на Европа ѝ е сеедно кога ги гледа овие срамотилаци? Мислите ли дека кога Макрон спомнува „некои проблеми“ во земјите кандидатки (покрај болната тема за миграцијата, која сепак важи главно за Албанија), тој не мисли и на овие скандали? Не се прашувате зошто Холандија постави услов да се донесе новиот закон за Јавното обвинителство? Не сфаќате ли дека луѓето во европските метрополи знаат дека потфрливте во еден од клучните сегменти на политичките реформи?
Непотизам, корупција, криминал…
Барав од вас да ги изберете најдобрите и најчесните меѓу вас. Не мене да ме изберете, шапшали едни, како што лаже вашата пропаганда! Барав да бидете отпорни на непотизам и на корупција. Ветивте нулта толеранција за овие зла и народот очекуваше да го исполните тоа ветување. Само тоа да го сторевте, а сѐ друго да утневте, мислам дека ќе беше доволно да кажеме вака – па добро, барем не крадат, барем не се изврзани ко црева, барем се компетентни и белким ќе им тргне. А вие, со чест на малубројните квалитетни кадровски решенија, речиси комплетно потфрливте во изборот на луѓето што ја водат джавата. Сакате со примери да ве потсетам на сите ваши промашувања? Знам, знам дека не сакате. Еден роман ќе излезе ако фати човек да ја раскаже вашата недугавост…
Па како можевте ваква глупост да направите, другарчиња мои?
Покажавте дека сте некомпетентни и аљкави во речиси сите области, од најбаналните (протоколот, на пример, кој служи само за потсмев), до „високата“ политика. Во владата и во јавната администрација завладеаја масовен непотизам и клиентилизам. И според редот на нештата, сето тоа метастазираше во корупција. Сега откриваме афери и корупциски скандали кои засегаат дури и странски субјекти, дел од нив од земјите членки на ЕУ, од кои очекувавме датум за преговори. А вие, блесави, си се убедувавте дека аферите не ве засегаат.
Мислите дека на шефовите на дипломатиите и на владите на тие земји им е сеедно кога слушаат за таквите валканици? Мислите дека му е сеедно на Макрон кога гледа и чита како го навредувате и кој сѐ го плука (детално е информиран за тоа, се разбира), а знае тој, драги другарчиња, за најмалку три сериозни фаули направени врз француски субјекти во Македонија! Мислите дека тоа лесно ќе се заборави?
Кучињата на пропагандата
Барав од вас да бидете демократи. Да не бидете пречувствителни на критиките, дури и од злонамерните. Тој што ги држи в раце лостовите на власта, тој има најголема одговорност, а со тоа и обврска да издржи критика. Да, другарчиња, дури и тогаш кога таа е неумерена или претерана. Тоа е европски стандард, ако не сте знаеле. А особено кога доаѓа од опозицијата, која природно претендира еден ден да дојде на власт. И вие не бевте нежни и не избиравте средства како да ја оцрните власта, кога бевте опозиционери. И се соочивте – меѓу другите, меѓу првите на списокот, со вас и јас! – со жестоката репресија на режимот на Груевски.
Сега вие се однесувате како груевистите тогаш. Формиравте масивна пропагандна машинерија во рамките на владата и на министерствата. Кога таа не ви беше доволна, ја засиливте со медиумска поддршка, ангажирајќи една група новинари и интелектуалци во некои новосоздадени медиуми и парамедиуми (најмоќниот ви се распадна во тежок корупциски скандал), со задача да се бијат за вашата кауза и против критичарите (мрчаторите, така ги нарековте). А кога сфативте дека и тоа не ви врши работа, ги одврзавте кучињата на пропагандата и ги поттикнавте да етикетираат, да навредуваат, да клеветат, да се закануваат, да колнат до седмо колено, да вијат како волци и буквално да плукаат и да пцујат по сите коишто не ви се по волја.
Погледнете каков говор на омраза шират вашите перјаници во медиумите, другарчиња! Зарем не ви е срам?
Да умрела Македонија. И сѐ што е македонско – сеќавањето на нашите револуционери, песните на нашите поети, нашиот јазик, нашата химна, нашето чувство дека сме Македонци. Да умрело ВМРО. И остатокот од опозицијата што не е со вас. Да умрат сите што не се вклопуваат во вашето разбирање на „животот” што „дојде“, ама само за вас. Тоа е доминантниот дискурс на вашата пропаганда, другарчиња. Таа го мрази и го дели народот по сите основи. Исто како што тоа го правеше пропагандата на Груевски. Ако не и полошо…
Јас лично, да бидам искрен, дадов сѐ од себе да се потрудам да ви простам за таа вербална агресија на која бев изложен (јас и многу други). Се обидов да ви простам и што ме казнивте, протерувајќи ме од весникот што го создадов. Си реков, можеби и време беше за збогум, најважно е да се сочува образот. Се мачев да му поверувам на Зоран Заев дека тој не стои зад сите оние монструозни навреди на кои бев (и сѐ уште сум) изложен буквално секој ден, од злобни и фрустрирани некадарници, негови пријатели и потрчковци. Знаев дека ме лажат дека СДСМ нема ништо со таа канонада што не престанува, а јас сепак се трудев да верувам во лагите. Не можам веќе. Жал ми е, веќе не ви верувам. И никому не простувам!
Што стана со заканите за „после датумот“?
Тоа што го поделивте народот е вашиот најголем грев, другарчиња. Сите ние што умееме да слушаме и да читаме пораки (а такви се и дипломатските претставници на земјите членки на ЕУ), ве слушавме кога пред самитот им се заканувавте на сите што не мислат како вас и што ги прогласивте за непријатели. Читавме, после датумот ќе имало „џандар збира“. Ќе сте удреле силно. До крајот на годината сите ќе биле во затвор. Само вашите не. И ВМРО веќе нема да постоело. Ќе било пиштење и вриштење. На критичарите ќе сте им ги затнеле муцките. Со сила, ако треба. И ќе сте купеле уште медиуми, многу медиуми, со многу пари (ве предупредувам, за овој план, за потеклото на парите, за скриената сопственост во некои ваши медиуми, слушам, Европејциве мошне добро се информирани, очекувајте да пукне нова афера). А и армија ботови ќе сте ангажирале на социјалните мрежи. Ќе сте го убеделе народот дека сте на прав пат. Крунскиот адут за сето тоа требаше да биде – датумот.
Не сум среќен што Македонија не доби датум, тоа да биде јасно. Напротив, бев оптимист дека шансата нема да ни избега. Излезе дека само сум посакувал така да биде. Оти, преговорите со ЕУ се единствената шанса Брисел да ве стави во калап, другарчиња, да воведе некаков ред и поредок во оваа наша вукојебина. Но, во контекст на вашите блесави реваншистички планови, сега морам злобно да ве боцнам – кај ви е датумот сега, а?
Шупрајме сега, другарчиња?
Владата е мртва. Со или без оставка на премиерот. Со или без брзи вонредни избори. Во миг на една чудна просветленост, што дојде веројатно од згаснатите европски сијалички, Заев, онака „од дното на душата“, си ја кажа вистината – оваа влада навистина е мртва. Добро, не велам дека не може да се повампири во една нова одмаздничка кампања (еве, читам, пак вијат песовите одврзани и неприбрани), но дури тогаш Заев ќе добие нова, силна европска шлаканица. Јавно му ветувам на премиерот Заев дека ако тој лично не ја запре оваа од него поттикната агресија, во следните неколку месеци ќе се посветам на задачата да ја делегимирам оваа власт како недемократска, агресивна и реваншистичка. А добро знаете, другарчиња, две работи: ем незгоден сум, ем гласот на вистината заразно се шири, па многу луѓе ќе сведочат за оваа кампања на омразата. Пријателски ве предупредувам – оканите се ќоравог посла!
Нова агенда на масата
Кога ќе ви помине разочарувањето – а тоа е големо, бидејќи и курчењето беше големо – ве советувам сериозно да обрнете внимание на пораките што сега ви ги пренесува претседателот Стево Пендаровски. Уф, да не мислевте дека и тоа е случајно? Онака, му текнало на човекот да свикува лидерска средба и да зборува за некакво обединување. А бре го сфативте вие Стевота или тотално сте одлепиле? Ај да пробам ви објаснам…
Не само земјите членки на ЕУ, туку и САД и нашите соседи, од нас сега очекуваат да останеме посветени на нашите европски аспирации. Ќе мора да почнеме да се европеизираме и без датум, без почнати преговори, без славје и журка.
А тоа значи да се реформираме. Сериозно, одговорно, без калкулации и без компромиси. Тоа, пак, не може да се случи во ваков амбиент на погубни внатрешни конфликти во земјата. Затоа, мислам дека главни теми на агендата во периодот што следи ќе бидат намалување на конфликтноста во општеството, плоден политички дијалог, сплотеност околу стратешките приоритети и на таа основа – обединување на нацијата.
Јас се надевам дека и СДСМ и опозицијата ќе се охрабрат заеднички да дизајнираат една нова политичка кампања, да подигнат една нова платформа на која ќе се одигрува политичкиот натпревар на следните избори. А не на овие несигурни практикабли. Охрабрува тоа што лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ќе дојде на лидерската средба што ја свика Пендаровски и што не инсистира на брзи избори по секоја цена. Очекувам опозицијата да не ги оспорува меѓународните договори со Грција и со Бугарија, што ја овозможија деблокадата на евроатлантскиот процес во Македонија (полека, ќе има простор за креативни интервенции при имплементацијата на овие акти, нови решенија што, убеден сум, соседите ќе ги разберат и одобрат). Конечно, барам сите политички сили да останат на магистралата што води кон Брисел. Никогаш нема да поддржам талкање во слепи улици или враќање назад. Ние мора да станеме дел од друштвото на напредните европски држави. Тука отстапки нема.
А вие, другачиња, вакви какви што сте сега, не можете да продолжите никаде. Мора прво да ја научите играта. Знам дека сте навикнати на казина („ол ин“, демек), ама оваа игра е многу проста. Како „Не лути се човече“. Овој пат не успеавте вашите фигури да ги дотерате во куќарката. Игравте лошо. Хазардерски. А и среќа немавте со зарчињата, што е право, право е.
Играта сега почнува од почеток. Брисел на нас ќе се сети („ќе се наврати“) во мај вгодина. Имате, значи, малку време целосно да се промените. Ако сакате. И ако можете. А ако не можете и ако не сакате, тогаш здравје – некоја друга влада ќе добие датум, чест, но пред сѐ тешка задача да преговара за членство на Македонија во ЕУ.
извор плусинфо
1 comment
Северџганите повторно скокна на задни нозе во одбрана на Северџистан!
Ете тоа би бил коментарот на северџганските блебетања од овој северџански јастреб со име Ѓеро-Јастеребот!
Откако видоа Северџаните дека сите до еден ќе одговараат за велепредавство на Македонија и македонскиотнарод сега им текна да се обединуеле, наскоро очекувам да објават и предизборна коалиција (сдсс+дпсне+арнаутски иредентистички групации), а се со цел да се сочува проектот Северџистан.
И самите знаат дека Македонците се против овој експеримент и еутаназија на Македонизмот и дека кога тогаш ќе побарат одговорност и ќе ги извадат пред судот за извршениот етноцид врз Македонците, а верувајте сите горе спомнати и неспомнати се учесници во оваа злосторство на столетието против Македонците…
Сидрото (Стево Стока) на Северџистан доби задача од неговите да ги обедини сите сили на Северџистан, добро знае и тој а и другите дека нивните 5 минути завршија доаѓа време за наплата!