Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси го поддржа Џо Бајден за претседател, придружувајќи им се на голем број водечки демократи кои неодамна ја дадоа својата поддршка за поранешниот потпретседател.
Пелоси објави дека го поддржува кандидатот за претседател на Демократите, откако претходно овој месец, Бајден беше поддржан од страна на американскиот сенатор Елизабет Ворен, неговиот неодамнешен против кандидат Берни Сандерс, поранешниот претседател Барак Обама и поранешниот потпретседател Ал Гор.
Џо Бајден (77) сè уште не е официјален кандидат на демократите за претседателските избори – тој треба да гопо чека конгресот во август – но тој е единствениот кандидат кој остана откако Сандерс се повлече од кампањата.
Во изјавата преку видеото објавено во понеделникот, Пелоси го наведува искуството на Бајден во владата, вклучително и неговата улога во донесувањето на законот за достапна здравствена заштита („Obamacare“), како доказ за неговите лидерски квалитети.
„Додека се соочуваме со коронавирусот, Џо е глас на разумот и отпорот, со јасен пат за излез од кризата“, истакна Пелоси.
Поддршката доаѓа во поволно време за Бајден, кој се бори да остане во фокусот на јавноста за време на пандемијата „ковид-19“ и да го задржи моментумот постигнат од молневито брзата трка кон номинацијата за демократски претседател.
Покрај поддршката на сегашните и поранешните демократски челници, Бајден е поддржан и од други клучни државни функционери, како гувернерот на државата Вашингтон, Џеј Инсли, истакнат активист во борбата против климатските промени и обединетиот сојуз натте работници во автомобилската индустрија, кој брои 400.000 членови.
Благодарение на поддршката, Бајден го привлече вниманието на медиумите во време кога неговата кампања е „во мирување“ поради пандемијата и кога претседателот Доналд Трамп го превзема вниманието на медиумите со неговите борбени брифинзи во Белата куќа.
Демократите со нетрпение чекаат да го искажат своето единство во претседателската трка против Трамп на изборите закажани за 3 ноември.
Изминатите недели, поумерениот Бајден се обидуваше да ја добие поддршката од досегашните поддржувачи на Сандерс и Ворен.