Милиони Британци нема да можат да плаќаат за греење и намирници оваа зима – предупреди градоначалникот на Лондон Садик Кан.
– Многумина, додаде тој, ќе треба да избираат помеѓу греење и храна . Колку и да е тажно, тие нема да можат да си дозволат ниту едно ниту друго – нагласи тој и додаде дека вакво нешто досега не се случило во Велика Британија. – Владата мора да интервенира за луѓето да можат да си ги задоволат основните потреби .Кан го привлече вниманието на инфографикот на американската новинска агенција Блумберг, според кој просечната годишна сметка за струја во Британија во јануари 2023 година би можела да надмине 4.000 фунти.
Инаку, Кан ги спомена информациите на Би-Би-Си дека во Британија се зголемува бројот на млади кои не можат да си дозволат да изнајмуваат станови. Годишната инфлација во јули во Велика Британија забрза до 10,1%, обновувајќи го рекордот од 1982 година.
Хелен Томпсон, професорка по политичка економија на Универзитетот во Кембриџ, оцени дека Западот ќе се соочи со енергетска казна оваа зима поради недостаток на руски гас.
– Следната зима западните земји ќе се соочат со тешка загатка: каде итно да се најдат извори на енергија, поради кризата која почна да добива катастрофални размери. А некои земји во Азија, Блискиот Исток и Африка веќе се на работ на економски и политички проблеми– изјави Томпсон.
Деновиве американскиот весник The Hill објави дека стотици илјади луѓе во Европа би можеле да умрат следната зима поради посветеноста на нивните влади за зелена енергија. Германскиот вицеканцелар, министер за економски прашања и заштита на климата Роберт Хабек на 12 август ги предупреди своите сонародници дека јавните згради ќе се загреваат до максимум +19 степени во есен и зима.