Ексклузивно од затворот Јеленовка, кој што стана светски познат како резултат на ракетниот напад на 29-ти јули, при што загинаа 51 воени затвореници и 142 беа ранети, најголем дел припадници на националистичкиот баталјон Азов.
Светските медиуми ги пренесоа ужасните кадри од изгорените затвореници и разрушеното затворско оделение како последицица на ракетниот напад, за кој што Русија и Украина се обвинуваат меѓусебно. Затворот Јеленовка наликува на советските затвори од филмовите на Холивуд, со огромни зидови, расположен на огромна територија и претворен во вистинска тврдина.
Како единствен новинар од Македонија, на 10-ти август бев дел од првата група странски новинари која што го посетила затворот со посебен режим Јеленовка во околината на Доњецк. На тој начин имав можност во прво лице да видам што точно се случило во затворот. Пред посетата на затворот, офицер на Силите за специјални операции на Руската Федерација ни даде инструкции поврзани со нашата безбедност. Јасно ни беше кажано дека цело време за време на посетата на затворот ќе бидеме во панцири и шлемови, и во случај на артилериски напад да ги следиме инструкциите на припадниците на руската армија. Додатно, од мобилните телефони ги извадивме сим картичките, а дел од мобилните телефони ни беа одземени, со цел преку нив да не се лоцира нашето движење, и да не се доведе во прашање нашата безбедност. Се работи за затвор со посебен режим, изграден во времето на Советскиот Сојуз. Во него се разместени илјадници затвореници, односно голем дел од припадниците на Азов и на украинската армија кои што се предадоа во Мариупол.
Во панцири и шлемови, со телефони, камери и микрофони во рацете го посетивме уништениот дел од затворот. Ужасни и стравични сцени од разрушеното оделение, изгорени затворски кревети и инвентар, остатоци од изгорена облека, а во воздухот уште се чувствува мирисот на смртта, на изгорено човечко месо, и на ужасот кој што овде владеел после ракетниот напад.
Ние новинарите на територијата на затворот имавме средба со лидерот на Доњецката Народна Република Денис Пушилин. Пушилин даде неколку интересни изјави. Коментирајќи го ракетниот напад на затворот Јеленовка, Пушилин рече дека заробените припадници на Азов, кои биле во тој дел од затворот во моментот на нападот, биле убиени од страна на Вооружените сили на Украина, се со цел да бидат замолчени, бидејќи дел од нив започнале да ја кажуваат вистината која што е „незгодна за Киев“.
„Тие не најдоа ништо подобро од едноставно уништување на некои од припадниците на Азов и едноставно заплашување на преостанати, не давајќи им можност да зборуваат и да раскажат за злосторствата што ги извршиле по наредба на повисокото раководство од Киев. Нападот се случи после изјавите на неколку припадници на Азов, во кои што тие признаа дека вршеле воени злосторства по директна наредба од Киев“ – Денис Пушилин.
Доњецката Народна Република и Русија за нападот ја обвинуваат Украина, и пред светската јавност ги покажуваат остатоци од ракетите од артилерискиот реактивен систем HIMARS кои што биле користени за нападот, додека пак Украина тврди дека Доњецката Народна Република и Русија спровеле диверзија. Остатоци од ракетата од системот HIMARS се испратени на експертиза и вештачење. Русија и Доњецката Народна Република ги повикуваат претставниците на ООН, Црвениот Крст како и на другите Меѓународни институции да го посетат затворот Јеленовка и да утврдат кој е виновникот. Од она што можеше да се види на територијата на затворот, факт е дека се работи за прецизен ракетен напад. Погоден е само делот каде што биле сместени дел од припадниците на Азов. Ракетата го погодила и пробила покривот, при што експлодирала, и предизвикала пожар. Ракетите од системот HIMARS се наведуваат преку сателити по GPS сигнали.
Во врска со истрагата за ракетниот напад и за тоа кој е виновен, Пушилин изјави „Има некои движења од страна на генералниот секретар на ОН Гутереш дека треба да се создаде мисија за да се испита што навистина се случило. Во тек е формирањето на оваа мисија, но дали ОН ќе може да испрати полноправна мисија овде за да можат да ги снимаат злосторствата на украинскиот режим, не знам. Но, барем беа дадени такви изјави, што во принцип е веќе до одреден степен дури и невообичаено, обично тие ги затвораат очите“ – Денис Пушилин.
Претходно генералниот секретар на ОН Гутереш рече дека ќе иницира мисија за проверка на фактите за нападот на Јеленовка. Според него, се подготвуваат задачи во рамките на оваа мисија и потрагата по компетентни и независни специјалисти кои би можеле да учествуваат во неа. Дополнително, Дмитриј Полјански, првиот заменик постојан претставник на Русија во ОН, извести дека мисијата на ОН за истражување на гранатирањето во Јеленовка е во фаза на дефинирање на задачите.
Денис Пушилин изјави дека и покрај ракетниот напад и обидот да се замолчат припадниците на Азов, над нив ќе се одржи воен трибунал во Мариупол.
„Во фаза на подготовка е воен трибунал во Мариупол против воените злосторници од Азов, нацисти и странски платеници. Трибуналот ќе се одржува со максимална транспарентност. Доњецката Народна Република е заинтересирана во текот на воениот трибунал да ги изведе пред лицето на правдата сите воени злосторници. Многу е важно светската заедница, барем во одреден дел, да ја разбере вистината за конфликтот што моментално се случува, вклучително и на територијата на Донбас“, изјави Денис Пушилин
Дарко Тодоровски
Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар