Двајца американски државјани кои отпатувале во Украина за да се борат како доброволци против руските сили, се водат како исчезнати една недела и се стравува дека се заробени, изјавија членовите на нивните семејства. Александар Друек (39) и Енди Хујн (27) од Алабама, последен пат ги контактирале своите семејства на 8 јуни и не се вратиле од мисијата во регионот Харков во источна Украина.
Извештаите дека биле заробени од руски војници не се потврдени, соопшти семејството и портпаролот на американскиот Стејт департмент. „Она што во овој момент официјално го знаеме од Стејт департментот е дека Енди и Алекс се исчезнати“, рече свршеницата на Енди Џој Блек по телефон. „Немаме потврда за ништо повеќе од тоа. Колку подолго трае пребарувањето, толку поочигледно почнуваме да разгледуваме други опции“, додаде таа.
Захарова: САД не контактираа со нас
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захаров, изјави дека САД не контактирале со Русија во врска со извештаите за американски борци. „Јас ги немам тие информации, проверувам секој ден и денеска ќе проверувам. Јавно објавуваме информации за судбините на приведените платеници или на оние на кои им се суди“, рече Захарова, цитирана од агенцијата РИА. Руското Министерство за одбрана не одговори веднаш на барањето за коментар.