Да запре малтретирањето на луѓето со обврската да имаат сертификати за примени вакцини против корона вирусот без кои им се ограничува движењето на граѓаните. Ваков став искажа познатиот микробилог и професор Никола Пановски потенцирајќи дека треба да се укине обврската да се поседува ваков документ.
-Сертификатите никогаш не требаше да се донесат, не треба веќе да ги малтретираат луѓето и да им забрануваат движење. Сега е веќе крајно време да се стори тоа. Факт е дека и вакцинираните лица го шират вирусот. Во Австралија, во Сиднеј, каде има 87 проценти вакцинирани со две дози имаат екплозија на ширењето на вирусот и покрај сите преземени мерки. Каква врска имаат тогаш сертификатите?, праша Пановски вчера на ТВ 21.
Тој рече дека единствено објаснување заради кое надлежните бараат поседување на сертификати е да се спречи наглото ширење на корона вирусот за да не се оптовари здравствениот систем и да не запре економијата.
Ова не е за првпат тој и други признати епидемиолози и инфектолози во Македонија да укажуваат дека вакцинираните лица го шираат вирусот. Оттаму, прашањето кое што се поставува е дали и натаму треба да се ограничува движењето на лицата коишто не се вакцинирани. Особено ако се знае дека и немал процент од вакцинираните имаат сериозни проблеми ако се разболат од вирусот.
Здравствените власти на ова засега одговараат дека вакцинираните лица полесно ја прележуваат болеста, помалку доживуваат фатален исход и имаат помал број на хоспитализации со што не се оптоварува здравствениот систем.