Официјалната претставничка на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјави дека нема да останат без одговор „понижувачките“ постапки на хрватските власти против руските граѓани.
Според неа, Загреб одбил руската страна да изврши хуманитарен лет за евакуација на група вработени во руската амбасада во Хрватска и нивните семејства.
Таа истакна дека тоа се луѓе на кои Хрватска им наредила да ја напуштат земјата.
„Нехуманиот, понижувачки однос кон нашите сограѓани нема да остане без достоен одговор“, рече Захарова во изјавата на веб-страницата на Министерството за надворешни работи.
Претходно беше објавено дека Хрватска бара протерување на 18 дипломати и шестмина административни службеници од руската амбасада.
Руското МНР вети дека ќе даде соодветен одговор на протерувањето на дипломатите.