Илон Маск, сопственикот на Тесла моторс и SpaceX и најбогатиот човек во светот, ја купи социјалната мрежа Твитер за 44 милијарди долари.
Твитер вечерва објави дека понудата на Маск е прифатена.
„Твитер потврдува дека постигна дефинитивен договор за купопродажба. Компанијата целосно ќе ја купи ентитет во сопственост на Илон Маск за 54,20 долари по акција. Трансакцијата се проценува на околу 44 милијарди долари. По довршувањето на трансакцијата, Твитер ќе стане приватна компанија“, објави вечерва социјалната мрежа.
„Акционерите на Твитер, во согласност со постигнатиот договор, ќе добијат 52,20 долари за секоја акција на Твитер која ја поседуваат во моментот на договорената трансакција. Куповната цена е 38 отсто поголема од берзанската цена на акциите на Твитер на 1 април 2022, последниот ден на тргување со акции пред господинот Маск да објави дека купил удел од околу 9 отсто во Твитер“, се наведува во соопштението.
Маск така стана сопственик на платформата која ја смета за „јавно дигитално место на кое ќе се расправа за витално важно содржини за човештвото“, се наведува. „Слободата на говорот е темел на демократијата“, кажа Маск.
Илон Маск на почетокот на април купи 9,2 отсто од Твитер. По оваа објава вредноста на акциите на Твитер порасна за над 35 отсто. Маск стана еден од најголемите акционери на компанијата и поседуваше четири пати повеќе акции од основачот на Твитер Џек Дорси. Уделот на Дорси беше 2,25 отсто.
Една недела откако ги купи акциите, Маск даде понуда за купување на Твитер и кажа дека, во случај неговата понуда да не биде прифатена, „ќе размисли за својата позиција на акционер“.
„Одлучив да вложам во Твитер бидејќи верувам во неговиот потенцијал да биде платформа за слобода на говорот низ светот, а сметам дека слободата на говорот е општествен императив за функционална демократија“, напиша Маск во пријавата за финансискиот регулатор.
„Меѓутоа, откако инвестирав, сфатив дека компанијата во сегашната форма нема ни да напредува ни да служи на овој општествен императив. Твитер мора да стане приватна компанија. Тој има огромен потенцијал, а јас ќе го ослободам“, додаде.
Маск е еден од најпопуларните корисници на Твитер, со над 80 милиони следачи. Често објавува детали за своите компании, поради што во повеќе наврати беше тужен за манипулирање со пазарот, а против него беа отворени и неколку истраги.