САД не се во состојба да завршат ниедна војна во која тие учествуваат, рече иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф во интервју за „Ен-Би-Си“.
Министерот ја повика администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да не се обидува со сила да ги решава конфликтите на Блискиот исток и го обвини Вашингтон за поттикнување на кибер-војна, пренесува Спутник .
„Соединетите држави ја започнаа оваа кибер-војна напаѓајќи ги нашите нуклеарни објекти на многу опасен и неодговорен начин што може да убие милиони луѓе“, рече Зариф.
Во исто време, тој додаде дека „секоја војна што ја започнуваат, САД не можат да ја завршат“.
Зариф претходно ја критикуваше одлуката на Вашингтон да распореди дополнителен воен контингент на Блискиот исток по нападот врз саудиските нафтени објекти, нарекувајќи го таквиот потег „позирање“.
Ситуацијата на Блискиот исток се влоши откако неколку погони на Саудиската нафтена и гасна компанија Сауди Арамко беа нападнати од беспилотни летала на 14 септември, по што кралството беше принудено да го намали производството на нафта за повеќе од половина.
Одговорноста за нападот ја презедоа јеменските бунтовници Хути, против која се бори арапската коалиција предводена од Саудиска Арабија, но Ријад и Вашингтон го обвинија Техеран за нападите.
Иран ги демантираше обвинувањата и ги нарече лаги. Владата на земјата истакна дека нападите врз нафтените постројки му наштетуваат на целиот регион и рече дека ваквите обвинувања се традиционални за САД и не се изненадувачки.
И покрај недостатокот на докази за вмешаност на Иран во нападот, Трамп нареди значително да се заострат санкциите кон Техеран.