Во објавена видео снимка – Боки 13 му кажува на Камчев дека Катица нема да се жали на неговото ослободување од притвор
Нов драматичен момент во случајот “Рекет”. Италијанскиот весник „Ла Верита“ објави видео снимка како Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец ги земаат парите од Орце Камчев, што е предмет и на истрага во случајот „Рекет“ на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
На крајот на снимката има и телефонски разговор меѓу Боки 13 и Камчев кој фрла ново светло за начинот на кој потоа беше ослободен Камчев од притвор.
Во видето, првин се гледа како се бројат евра сместени во една патна торба, а потоа како Камчев ги испраќа Боки 13 и Зоки Кичеец со торба.
Кон крајот на видеото има и аудиоснимк на која Боки 13 му потврдува на Камчев дека ќе биде ослободен во понеделник, најдоцна вторник, а Катица Јанева нема да употребува вонредни правни лекови да го одолговлекува овој случај.
Според датумот на снимката, видеото е снимено на 20 февруари годинава, а Камчев со одлука на Врховниот суд беше ослободен од куќен притвор на 4 март.
Транкрипт од аудиоснимката на крајот од видеото:
Боки 13: Во понеделник ќе ве ослободат.
Камчев: Добро.
Боки 13: Вторник најкасно веројатно. Врховен ќе ве ослободи.
Камчев: Врховен, не може да дојде до врховен до понеделник.
Боки 13: Да, тогаш ќе дојде. Нема да употреби СЈО вонредни правни лекови, нема ништо да употреби.
Камчев: А Апелација?
Боки 13: Па Апелација ќе ве одбие. Вие се жалите во Апелација, да бидете спремни. Врховен се жалите, како втор спремен. Начелното правно лице и советот се повикува автоматски. Нема да употреби Катица никакви вонредни правни лекови да го продолжува, да го одолговлекува, понеделник вторник, вие сте на слобода.