Свет

Итна евакуација на населението од Доњецк и Луганск во правец кон Русија

Утрото 16-ти февруари светот здивна и мислеше дека војната е избегната, и дека темните облаци над Донбас, Украина и над Европа се растерани како резултат на дипломатските активности, но вечерта 18-ти февруари, ситуацијата ескалираше и темните облаци пак се собраа над Донбас и Украина.

Европа е на прагот на голема војна, прв пат после крајот на Втората Светска Војна. Барабаните на војната се посилно бијат на Донбас и на Украина.

Претседателите на Народните Републики Доњецк и Луганск (Донбас) наредија итна масовна евакуација на цивилното население од републиките на територијата на Русија, во регионот на Ростов. Според Ројтерс ќе бидат евакуирани 700 000 илјади луѓе, претежно деца, жени, стари и изнемоштени луѓе.

На децата им велат дека ќе одат на екскурзија во Русија, се со цел да не ги трауматизираат и да не се ствара непотребна паника. Но најголем дел од тие деца се родени во воено време, немале безгрижно детство исполнето со игри и среќни моменти, и голем дел од нив знаат да го препознаат звукот на артилериските гранати. Голем дел од детството тие поминале во скривниците.

Пушилин и Пасечник денес на итни прес конференции изјавија дека располагаат со информации добиени од разузнавачките служби, според кои претседателот на Украина Зеленски, ќе издаде наредба украинската армија да започне воена операција за завземање на Донбас. Сирените постојано се слушаат во Доњецк и Луганск, како за време на жестоките судири во 2014 и 2015 година.

Во 19 часот во Доњецк одекна силна експлозија во близина на администрацијата на Претседателот. Беше разнесен воен џип, кој што го користел Синенков, началникот на Народната Милиција на Доњецк. Но тој не е повреден во експлозијата. Улиците на Доњецк и Луганск веќе се празни и нема никаква раздвиженост на луѓе.

„Киев може да започне целосен напад на Донбас во секој момент, ситуацијата е критична. За жал, ситуацијата во Донбас оди кон војна.“ – изјави денес Пушилин, претседателот на Доњецката Народна Република. „Почнувајќи од денеска, 18 февруари, се организира масовно централизирано заминување на населението во Руската Федерација. Пред сè, жените, децата и постарите лица се предмет на евакуација. Љубезно ве замолуваме да слушате и да донесете правилна одлука. Привременото заминување ќе го спаси животот и здравјето на вас и вашите најблиски. На
машкото население, на возраст од 18 до 55 години во Донбас му е забрането да ја напушти територијата на Донбас.
Во договор со раководството на Руската Федерација, местата за прием и сместување на нашите граѓани се подготвени во Ростовската област. На евакуираните ќе им биде обезбедено се што е потребно. Создадени се сите услови за брза транзиција на контролните пунктови. Раководителите на претпријатијата и институциите треба да го организираат заминувањето на семејствата на вработените. Штабовите за територијална одбрана – да обезбеди транспорт за евакуација на цивили во Русија.“ – официјални изјави на претседателите на Доњецк и на Луганск, Пушилин и Пасечник.
Огромен број на автобуси и на возила се на граничните премини помеѓу Русија и Донбас, во Ростов, колони возила од страна на територијата на Донбас чекаат за да влезат во Русија.
Претседателот на Русија, Путин денес категорично изјави „Во секој случај Западот ќе стави санкции против Русија, без или со причина. Целта е да се забави развојот на Русија. Украина треба да седне со претставниците на
Донбас и да се договори, и да го исполни Минскиот договор“. Утре на целата територија на Русија под команда на претседателот Путин започнуваат големи воени вежби на Нуклеарната тријада на Русија (стратешката авијација, стратешките ракетни единици и подморниците со балистички ракети), плус учество ќе земат ракетните единици со крстаречки ракети.

Деновиве претседателот на Украина Зеленски изјави „Договорите од Минск се просечен медиократски документ, бидејќи тие не ги решаваат сите прашања на Украина. Нема да влеземе во директни преговори со Доњецк и Луганск, тоа е бесмислено“. Зеленски свика итна седница на Советот за Безбедност на Украина.
Денес се огласија и од Белата Куќа. Тие изјавија дека претседателот на САД Џо Бајден ќе има итна прес конференција денес на која ќе даде ажурирање за кризата меѓу Украина и Русија во 16:00 часот по американско време. Истовремено, НАТО ги стави во борбена готовности единиците за
брзо реагирање на алијансата.
Целото внимание на светот и светската јавност е насочено во моментот кон Донбас и Украина, во исчекување на разврската на ситуацијата. Останува да видиме во наредните денови дали „Гордиевиот јазол“ околу Донбас и Украина ќе биде разрешен, или конфликтот и понатаму ќе остане замрзнат.

Related posts

Leave a Comment