Лидерот на Чеченија Рамзан Кадиров побара од рускиот претседател Владимир Путин да му даде можност што поскоро да ја заврши специјалната операција во Украина.
-Го молам врховниот командант да ни даде можност да ја завршиме специјалната операција без одлагање. Ако 15 проценти од светската заедница е против нас, тоа не значи дека целиот свет е против нас. Можеме брзо да ги смириме тие 15 проценти, нема апсолутно никаков проблем – рече Кадиров во аудио пораката, коментирајќи ги обвинувањата на Киев против него.
Претходно денеска Службата за безбедност на Украина објави дека „собрала недвосмислени докази за воени злосторства“ на Кадиров, како и на Даниило Мартинов и Хусеин Межидов. Како што се наведува, во февруари и март оваа година, шефот на Чеченија „го надгледувал развојот и планирањето на одредени воени операции на единиците и давал наредби“.
Мартинов денес работи како советник на началникот на Министерството за вонредни состојби, а претходно бил помошник на лидерот на Чеченија, а служел во републичкиот оддел на руската гарда. Во март Кадиров го именуваше Межидов за командант на чеченскиот баталјон „Југ“, пишува ТАСС.