Претседателот на Чеченија, регион во Русија, Рамзан Кадиров изјави денеска дека околу 1.000 чеченски доброволци заминале да војуваат во Украина, три недели по почетокот на руската инвазија на таа земја. Кадиров наведе на Телеграм дека еден од неговите блиски соработници Апти Алаудинов е „на чело на илјада чеченски доброволци“ кои се на пат да учествуваат во „специјалната операција за денацификација и демилитаризација на Украина“.
Чеченскиот лидер во понеделникот изјави дека е во Украина со руските сили на прометниот аеродром во близина на Киев. Но, таа информација не е потврдена од независни извори, додека украинските власти изразуваат сомнеж во точноста на таа вест.
Кадиров е лојален поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин.
На почетокот на руската офанзива, на социјалните мрежи кружеа фотографии на кои се гледа плоштад во Грозни, главниот град на Чеченија, исполнет со војници кои велат дека се подготвени да заминат во Украина.