Македонија

Катица Јанева : Моето име е злоупотребено!

 

 

На прес конференцијата која ја свика Специјалното обвинителство,после неколку дневно отсуство од јавниот живот Катица Јанева ѝ се обрати на јавноста.Наместо интерактивна комуникација со претставниците на медиумите,таа зборуваше односно читаше претходно напишано соопштение.Се огради од вмешаност во случајот „Рекет“ каде прво осомничен е Боки 13, а рекетиран со 1,5 милиони евра е бизнисменот Орце Камчев.

 

„Дозволете да ви се извинам што свесно не дозволив да излезам со свој став во јавноста, иако воопшто не ми беше лесно да го следам јавниот линч. Решив дека нема со ниту еден мој потег да создадам впечаток дека правам притисок или се мешам во истражните дејствија“ .

„Најодговорно тврдам дека ниту свесно, ниту не свесно, ниту со сторување, ниту со не сторување не сум ја злоупотребила должноста која во моментов сѐ уште ја извршувам“.

Јанева посочи дека се познава со Боки 13 како што со него се познаваат луѓе на високи државни позиции. Тоа што нејзиниот син работел во 1ТВ, каде како неформален сопственик се јавуваше контроверзниот Боки 13, не значело дека некој може да ја злоупотреби шефицата на СЈО во оставка. Потврди дека разбрала дека Боки ја користи.

„За жал подолг временски период до мене допираат гласови, не дека само лицето Бојан Јовановски, туку и многу други без да знам го злоупотребуваат моето име и презиме за различни цели“, нагласи Јанева.

Оставката Јанева меѓу другото ја поднела и за да не влијае на истрагата за „Рекет“. Оставила 10 готови истраги подготвени да влезат во судница.

„Убедена сум дека токму тие предмети ќе и дадат одговор на јавноста, зошто некој со сите сили се обидуваше да го спречи мојот реизбор и со невидена медиумска хајка се обидува да го загрози кредибилитетот на СЈО“, истакна Јанева.

Јанева не дозволи прашања. Заврши со излагањето и замина. Не одговори дали таа е обвинителката која Боки 13 ја пуштал на интерфон додека изнудувал пари од Орце Камчев и дали дала ветување дека ќе ја сопре истрагата против него за перење пари. Јанева не одговори ниту зошто рекла дека го изгубила вториот телефон во Белград, кога обвинителството го пронашло кај нејзино блиско лице, надвор од Скопје. Телефоните на Катица Јанева се клучни во утврдувањето на нејзина евентуална вмешаност во случајот „Рекет“.

Боледувањето на Јанева заврши денеска. Таа почнува на работа и е шефица на СЈО, додека не се донесе новиот Предлог закон за обвинителство и официјално не се избере нејзин наследник. Паралелно тече истрагата за „Рекет“ под капата на Вилма Рускоска. Со објавување на аферата, рекет во обвинителството за организиран криминал пријавиле и други бизнисмени – жртви на Боки 13.

Related posts

Leave a Comment