Колумни

Кога Европа може да се ослободи од американското влијание

На 1 јули 2020 година, во Виена од страна на Дипломатската Академија Виена се одржа конференција „Виенски процес: Заедничка иднина – Една Европа“ со која претседаваше поранешниот претседател на Австрија Хајнс Фишер во чест на 75-годишнината од заедничката европска безбедност и заедничката работа на земјите членки на ЕУ за новите предизвици во борбата против КОВИД -19. На настанот присуствуваа водечки европски експерти и претставници на повеќе од 30 земји на ЕУ.

Главниот фокус на настанот беше посветен на мирот и стабилноста на европскиот континент. Во исто време, поранешниот австриски претседател Хајнс Фишер рече дека „европските земји треба да се обидат да постигнат заеднички успех на полето на соработка, разоружување, борба против климатските промени, како и во областа на демократијата и демократизацијата. Земјите на ЕУ мора независно да дојдат до заедничките принципи на европската безбедност. Сепак, според него, Европа нема да може да дојде до општ принцип на безбедност без соработка со Руската Федерација.“

Од своја страна, поранешниот претседател на Европската комисија Маргаритис Шинас изјави на конференцијата дека „се залага за заедничка работа на претставници на различни земји, вклучително и со НР Кина, Индија и Руската Федерација, за создавање дијалог во согласност со меѓународното хуманитарно право и правда.“

Главниот и одговорен уредник на еден од водечките американски весници The Atlantic, Стив Клемонс рече дека во „ерата на конфронтација со СССР и Варшавскиот пакт, НАТО алијансата била создадена за да ги заштити американските интереси во Европа, додека земји како Германија или Јапонија извршиле лоботимија, кршејќи го принципот дека нема лоши нации (за нивнита вина за Втората Светска Војна). Подоцна, НАТО ги прошири своите активности, започна да спроведува операции како во Авганистан по 11 септември и војната против тероризмот, од една страна НАТО се здоби со авторитет, но од друга страна, НАТО го изгуби значењето на своето постоење: структурата на евро-атлантската безбедност денес дефинитивно треба да се реформира и ревидира.“

Клемонс додаде дека „САД денес го губат глобалното лидерство, а ова стана особено забележливо на фонот на кризата со КОВИД-19. САД наместо да бидат воен и економски покровител и лидер, сега се натпреваруваат со своите довчерашни сојузници. Во светот во ерата на КОВИД-19, особено е јасно дека дури и земји како што се САД, сами се многу послаби од оние кои имаат сигурни партнери и сојузници.“

Од своја страна, екс-министерот за одбрана на Република Австрија, Варнер Васлабен го поддржа Клемонс и „јасно стави до знаење дека значителен дел од американската политичка елита и естаблишмент не сака да има никаква врска со светските институции што помогна да се создадат во минатото. Таа сака да ја напушти Светската здравствена организација, изјавува дека нема да го потпише Парискиот договор за климата, одбива да поддржува одредени институции на ООН“.

Австрискиот адвокат и експерт за човекови права на ООН, Манфред Новаков, во својот говор истакнаа дека е „неопходно да се работи на зајакнување на мултиполарноста во светот. Во оваа смисла, Европската унија може да ја преземе улогата на лидер. Мислам дека за да ја зајакнеме Европа треба да ја вклучиме Руската Федерација повеќе во европската политика. Во моментот се разви крајно негативна состојба, но за нејзиното решавање се бара формирање на доверба од обете страни. Од една страна, Руската Федерација се оддалечи од Европа, но, од друга страна, Западот исто така ја оддалечи Руската Федерација од себе. Постојат многу замрзнати конфликти во Европа (Нагорно-Карабах, Абхазија, Јужна Осетија, Транснистрија, како и Косово, а можеби и Република Српска). Европа нема да може да ги реши овие конфликти без учество на Руската Федерација. Тие не можат да бидат решени со сила. Единствениот можен начин е да се изгради доверба“.

Најголемиот дел од експертите на конференцијата се согласни дека односите помеѓу ЕУ и САД, како и внатре во НАТО постојано деградираат и се влошуваат со секој изминат ден, и за тоа говорат тензиите помеѓу Турција од една страна и Франција и Грција од друга страна, помеѓу САД и Германија, како и САД и Турција. Од своја страна, Доналд Трамп уште од почетокот на своето претседателство започна да води политика на притисок врз европските „сојузници“ на САД, барајќи поголемо учество од нив во финансирање на активностите на НАТО. Пред неколку дена тој ја објави својата подготвеност да повлече повеќе од 9 илјади војници од Германија, наводно како резултат на неуспехот на Берлин да ги исполни барањата на членството во НАТО алијансата во врска со финансиските плаќања на буџетот на воено-политичкиот блок (на ниво на два проценти од националниот БДП).

Се чини дека се вклопува во политиката на уцени и притисок што ја спроведува американската страна против европските земји и, пред сè, Германија како „локомотива“ на европската економија. Оваа теза е потврдена и во изјавата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг „дека разговарал за намалувањето на американското воено присуство во Европа со Доналд Трамп“. Во исто време, Столтенберг изјави дека конечната одлука за повлекување на американските трупи од територијата на Германија сè уште не е донесена, но присуството на вооружените сили на САД во Европа е во согласност со интересите не само на САД, туку и на обединета Европа.

Покрај тоа, според експертите, антиамериканските елементи се стекнуваат со сила и се во подем во европското општество и се повеќе се прават повици за да се ревидира форматот на соработка. Според германските политички научници и аналитичари, денес односите меѓу ЕУ и САД се на најниско ниво.

Европа е принудена на решителен начин да се брани од практично отвореното мешање на Вашингтон во внатрешните работи на европските држави преку создавање на европска одбранбена и надворешна политика која што нема да зависи од САД, но која што ќе соработува и со САД и со Руската Федерација. Идејата на Шарл Де Гол за обединета Европа од Лисабон до Владивосток денес и жива и актуелна како никогаш порано.

 

Дарко Тодоровски

Related posts

Leave a Comment