ВАШИНГТОН – Претседателот на САД, Доналд Трамп стави вето на резолуцијата донесена во Конгресот во средата, чија цел е да се ограничи воената акција на Трамп против Иран, пренесува АФП.
„Ова беше навредлива резолуција, предложена од демократите, како дел од стратегијата за победа на изборите на 3 ноември така што ќе ја поделат Републиканската партија“, се вели во изјавата на Трамп.
Според таа резолуција, американскиот претседател не може да испраќа војници поради „непријателско дејствување против Исламската Република Иран“ или „кој било дел од својата влада и армија“ без „експлицитно одобрување“ од Конгресот во форма на прогласување на војна или специјално одобрување.
Резолуцијата е одговор на парламентот на тензиите меѓу двете држави, кои го достигнаа својот врв кога Вашингтон го уби моќниот ирански генерал Касем Сулејмани во нападот нарачан од Доналд Трамп на 3 јануари.
Трамп оцени дека конгресната резолуција „ќе предизвика голема штета на можноста на претседателот да ги заштити“ Соединетите држави и нејзините сојузници.
„Живееме во непријателски свет во кој заканите непрестано се менуваат, а Уставот признава дека претседателот мора да може да ги спречи постапките на нашите противници, да дејствува брзо и одлучно како одговор на нив“, рече Трамп.