Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Игор Црнадак вели дека бојкотирањето на самитот во Сараево на Косово и Албанија е спроведување на најавената заедничка надворешна политика на Приштина и Тирана.
“Имавме барања и издадени визи за Пацоли и неговата делегација. Што се случи во меѓувреме навистина не знам, но ова е прв пат од кога сум учесник на вакви средби во рамките на ПСЈИЕ и Западен Балкан ,да се бојкотираат состаноци и свесно не доаѓање на нив “, рече Црнадак.
Тој е изненаден од веста дека делегацијата на Албанија ја откажала својата посета на Сараево, 8 и 9 јули, посочувајќи дека тоа е “многу некоректно”.
” Не знам со кого тие се солидаризираат. Ние уредно ја поканивме делегацијата од Приштина , во согласност со стандардите на ПСЈИЕ . Ова што го направи Албанија може само да се толкува како спроведување на она што беше објавено неодамна, а тоа е дека Приштина и Тирана ќе водат заедничка надворешна политика во иднина. Очигледно, ова е почеток на реализација на тоа “, изјави министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина.
На прашањето колку отсуството на Албанија и Косово може да влијаат на работата на Процесот за соработка на Југоисточна Европа и каква порака се испраќа на регионалната соработка, Црнадак вели дека тоа не е порака до БиХ, туку до Европската унија .
“Мислам дека ова е сериозен удар на процесот за соработка, а јавноста треба да знае дека она што се случува не е порака до Босна и Херцеговина туку до Европската унија”, рече Црнадак.