ВИЕНА – Назначениот австриски премиер Себастијан Курц повика на построга акција против Турција за миграциската политика.
Курц, во интервју за германскиот весник „Билд“, рече дека договорот со Турција не функционира доволно и оти Грција заслужува целосна поддршка.
„Не смееме да дозволиме турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да нè уценува.Во неговата земја се угнетуваат луѓе кои имаат различно политичко размислување, непрестано се затвораат новинари и Турција се обидува да ги користи бегалците и мигрантите како оружје“, подвлече тој.
Курц смета дека треба да се изврши притисок врз Турција, додавајќи дека ЕУ има многу опции за тоа и треба да размисли на таа тема.
На прашањето дали тоа значи воведување санкции, тој рече дека прво треба да се разговара преку сите дипломатски канали.
„Сепак, мислам дека Турција мора да биде свесна дека ЕУ има многу можности да реагира и да не дозволи никој да ја уценува“, истакна тој.
На прашањето дали морската граница може да се заштити, Курц одговори дека може и дека треба да се заштити.
„Можеме да се осигураме дека чамците со бегалците воопшто да не пристигнат, можеме да ги вратиме спасените во земјата од каде потекнуваат. Погледнете во Египет. Илјадници бегалци дојдоа од таа земја а денес веќе ниту еден, бидејќи постои систем што функционира“, објасни тој.
Кога станува збор за Либија, Курц смета дека ЕУ треба подобро да соработува со меѓународните организации и да создаде услови за достојно човечко домување и дека мора да се стори сé за да се спречат мигрантите од другите африкански земји да се преселат во Либија.
„Откако ќе дојдат во Либија, многумина се изложени на ропство или убиства. Не смееме да го дозволиме тој систем“, рече тој.
Тој најави дека како шеф на новата влада ќе продолжи да се бори на темата миграција да биде насочена во вистинската насока, затоа што тоа е неопходно за Европа и затоа што овој континент има христијанско-социјална одговорност.
„Не смее да има систем во кој шверцерите прават пари од страдање“, рече Курц.
„Што се однесува до моменталната состојба околу Иран, тој рече кога го прашале дали очекува терористички напади, таа опасност секако дека секогаш постои.
Тој рече дека Израел, кој се наоѓа во регион каде има постојани тензии, е најпогоден од ситуацијата и дека земјата заслужува целосна поддршка.
„Наша обврска е не само да се осигураме дека нема напади во Европа, туку и да сториме сé што можеме Израел да преживее во овој регион исполнет со кризи“, истакна тој.
Нападот на САД врз иранскиот генерал, рече тој, беше реакција на иранските постапки и однесување во земјата пред настанот.
„Имаше постојани напади врз американски дипломати и институции. Затоа, мора да се оцени како што е, тоа е реакција. Сепак, важно е ситуацијата да не ескалира понатаму и да се користи кризниот механизам што постои во договорот со Иран. “, рече Курц.