Соопштение на политичката партија Левица.
„Скандалот за генсекот Рашковски кој периодов одекна во Републиката и ја разоткри корумпираноста на социјалдемократите и нивните непотистички поставени функционери, воедно е ништо повеќе ни помалку од јасен доказ за тоа што на народот му е одамна јасно: СДСМ е новото ДПМНЕ, на стереоиди! Не ни треба никаква евтина интелектуалност, ниту еден и пол докторат – се што ни треба е да не бидеме на платен список на социјалдемократското „министерство за вистина“, за да не се правиме при очи слепи и да ја увидиме едноставната вистина која ни стрчи на сите пред носот: сите бизнис партии се исти!
СДСМ се ништо повеќе од уште една тендер-партија, чии денови на владеење се избројани после флагрантното негирање на волјата на народот јасно искажана на референдумот за промена на името на Републиката и на бројните референдуми против отворањето на рудниците на смртта. Во залезот на нивното владеење, силеџиството кое пред пола деценија стана главно обележје и двигател на отпорот против груевизмот, полека станува одлика и двигател на отпорот против новокомпонираниот груевизам за граѓанството, попознат како заевизам.
Како и останатите социјалдемократски функционери, кои немаат ништо заедничко ниту со социјализмот, ниту со демократијата, така и човекот одликуван со еден и пол докторат ја злоупотребува својата моќ, заканувајќи се со тужби за оние кои ја споделија веста за неговото местење на милионски тендери. По некои ефтини апологии за „сечени, лепени и монтирани“ бомби, во стил на познатиот „независен“ културен „работник“, Петрит Сарачини, зачинети со видна изнервираност и анксиозност кон новинарите, заканите на Рашковски доаѓаат нешто како очекуван шлаг на СДСМ-ДПМНЕ-овската торт(ур)а врз народот. Влевањето страв во народните маси, подривањето на народниот отпор и заробувањето на државата се чекори кои не се туѓи на ниту една ненародна власт, а претходниве година дена станаа чести како „добро утро“ за коалицијата СДСМ-ДУИ.
Затоа, Драг(и) Рашковски, меѓу останатите сега и нас ни дојде редот да ти кажеме: тужи нѐ слободно! Тужи нѐ веднаш – веројатно побрзо ќе напишеш тужба од твојот втор докторат! Нема да си ниту прв, ниту последен! Нека види народот дека кога вистината и обединетоста е на негова страна, силата на елитистичкото бизнисменско малцинство не му може ништо! Биди немилосрден, бидејќи кога ќе дојде нашиот ред, нема да се извинуваме за народната немилосрдност кон тебе!”