Лидерот на либанскиот Хезболах, Хасан Насралах, оцени денес дека убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани во нападот на САД во Багдад го носи целиот регион во „сосема нова фаза“.
Обраќајќи се на илјадници приврзаници на митингот во јужниот дел на Бејрут, Насралах го опиша убиството како „несомнено злосторство“ што ќе го промени Блискиот исток, објави АП. Изјавата на Насрала денес е прва во јавност откако Сулејмани беше убиен во петокот. Тој ден „ раздвојува две фази од регионот, тој е почеток на нова фаза и нова историја не само за Иран и Ирак, туку и за целиот регион“, рече тој.
Лидерот на Хезболах инсистираше на тоа дека неговата страна не може да изгуби затоа што смртта ја гледа како на друг вид победа, пренесуваат израелските медиуми.
„Ние не сме поразени, дури и кога стануваме маченици, ние триумфираме“, рече Насралах, чие обраќање се емитуваше на голем екран преку сателит. Насралах изјави денеска и дека американската војска во регионот на Блискиот исток, вклучувајќи американски бази, воени бродови и војници, се оправдана цел по убиството на иранскиот генерал. Тој смета дека протерувањето на американските воени сили од регионот сега е приоритет. Лидерот на Хезболах се закани дека американската војска ќе ја плати цената.
„Самоубијците-напаѓачи, кои ги принудија Американците да го напуштат нашиот регион порано, сè уште се тука и нивниот број се зголеми“, рече Насралах.
Екстремистичкиот шиитски Хезболах е клучен сојузник на Иран. Насралах се крие во страв дека може да биде мета на обид за убиство од страна на Израел по војната меѓу Израел и Хезболах од летото 2006 година.