Колумни

ЛИДИЈА ЃОРЃЕВИЌ: ВОСКРЕСЕНИЕ

 

Она кога….

….во аптека ти влегуваат сите испаничени и со унезверени погледи бараат суплементи. Па други постковидосани ти ги кажуваат своите грозоморни искуства. Па трети ти кажуваат како им умрел некој близок. Па те пумпаат, пумпаат, почнуваш, оти не си психопат , да ги собираш сите нивни вибрации, имаш сочуство, те пука адреналин, кортизолот веќе се истрошил, преминуваш во состојба на хистериа, секако одвнатре и треба пред сите да изигруваш дека си ” баш она кул” и со смирувачки тон им даваш совети. Веќе го чувствуваш пулсирањето на срцето во грло, рацете ти се лед(најверојатно вечер ќе крцнам” си помислуваш).

….

И!

….

Одеднаш!

…..

 

Баш кога мислиш дека си готова од паникатак…

 

Улетуе БАБА! госпоЖа! Според моја проценка, а проценката ја правам според татко ми(82), над 75 години.

БЕЗ МАСКА!

Ја ставила својата цветна марама на уста.(Демек маска.)

Има маалку подраснати нокти со црвен лак. Двата прста на левата рака и се малку пожолти. Ахам, пушач е и левучар како мене.

Тапирана пунџа на портокаловата коса и црвен цвет во неа. Околу збрчканиот врат ѓердан од корали, на реуматичните прсти- прстен од тиркиз и скапоцена бурма.

Целата е облечена како девојче кое во игротека слави роденден:

Тиркизна блуза и црвеникаво фустанче со црвен тул преку него.

“Па дали је бре ово Јосипа Лисац у македонско издание се прашувам!?🤔”

-Добар ден.

– Маска, маска ставете!!!!!!???(се разгракаа сите пациенти)

Спокојно ги погледна не обраќајќи им посебно внимание.

– Немам намера.Никогаш!-промрморе низ сувата накарминисана уста со црвен кармин кој малку излегуваше над границите на незините некогаш полни усни.

-Дајте ми…..- ми кажа тоа што сакаше да и го дадам.

Да беа некои други времиња ќе ја осудев, ќе си речев па дали е женава нормална, наскоро”ќе си оди”.

Побара крема за лице која чини 1300 денари.

– Вас не ви е страв од пандемијава? – не издржав да не ја прашам.

-Глупости! Тоа не постои. Да скршам нога ќе кажат дека е од корона.Само бидете умерени во с’е. Јас му ставам игнор на тоа чудовиште. Во крајна линија сите кога-тогаш ќе умреме. А ќе умреме тогаш кога Господ ќе мисли дека сме завршиле со својата мисија на овој и ваков свет. Стравот е демонска работа. Ако немате друга работа, плашете се! Јас си пијам секое утро прво куркума со ѓубир, бибер и лимон, гајле немам. За ужина 100 мл црно вино.Антисептичен и антиоксиданс ресфрератол. А сега си изнајмив куќа покрај езеро и таму ќе си уживам со партнерот.

-Мислите со сопругот?(онаа скапоцена бурма ме боцна за прашањето)

-Сопругот ми почина пред 14 години. Со години бев сама. Се запустив. Децата ми се во Канада. И еден ден решив дека сакам да живеам! Пропушив после десет години апстиненција, отидов во Санкт Петербург по барање на моја пријателка да и правам друштво и таму се сретнавме. Знаете ли вие кое е чувството некој насмеан, весел маж , полн со љубов да ви ја префрли раката преку рамо заштитнички додека се шетате по улица на свои 70 години?

– Знам.Прајслес….- промрморев.- Мислам, непроценливо.

– Јас драга моја нема да умрам од корона. Можеби од срце.Премногу возбуда за мои години. Најверојатно ќе умрам од радост😀Ве жалам какви сте сите њањави. Сети се само на зборовите на св.Павле – штом Љубов немам…”. Па немате Љубов бе пиле, затоа се плашите! Ни Вера, ни Љубов, ни Надеж, ни Покајание!”

 

Замина онака подзгрбавена, а не ми побара колаген или нешто за коски, или барем против болки. Љубовта и ги избришала сите болки и сакаше да биде само убава…на лик.

И беше. И на лик и по образ Божји.

 

Одеднаш престана мојата тахикардија, и стравот од смртта, и сето лошо.

Одеднаш се најдов на Агапе, љубовната трпеза.Се нахранив и спокојна, весела си заминав дома.

– Мамо, она фрапе што си го направила е преубаво!- ме гушна син ми.- Јас не знам што си ставила во него , ама спиев како бебе.

-Знам синко. Љубовта, љубов раѓа.

Лидија Ѓорѓевиќ

Related posts

Leave a Comment