Ако галасам, гласам за пак да е лето!
ЛЕТО Е
Лето е таратор со лук, лето е пржени пиперки со јајца и сирење, лето е пинџурче, лето е мусака со тиквички и модри патлиџани, лето е гирици и пиво, лето е овошен колач со вишњи послужен од убава жена во фустан со дезен од вишњи и сочни усни со таква боја, лето е млечно- чоколаден сладолед….Ооо зарем е само ова лето?
Нее, лето е и траминец во ладовина на плажа, прекрстени женски нозе, голи колена, и голи силни машки раце лабаво спуштени на незините рамена додека го гледаат зајдисонцето во Трпејца.Лето е мирисот на цепени дрва низ уличките во малите градчиња.
Лето е звукот на штурците додека тој седи опуштено на тераса и ја чека да се истушира.
Лето е кога се цедите од водење љубов, па потоа додека спиете си ги превртувате перниците од поладната страна🙂.
Лето е молчење и пијуцкање или трачарење во Идадија, “жива”староградска музика и “Ја знаете ли “Праша ли Тинке мајка ти”?”
Лето е детскиот џагор во Песталоци, мирисот на липите, мирисот на џунџулиња, мирисот на улиците после пороен летен дожд кога “истура” и Сонце грее, кога трчате жива вода, утоп напраени и се церекате додека се раѓа ѕуницата.
Лето е кога седите во ноќта на плажа, на ситните камчиња и гледате во темното езеро кое тивко бранува. Над вас, малку погоре музика од Десарет, утре таму ќе си доручкувате риблја чорба со охридско макало, баш супер ја прават .”Па ќе се пентарите приквечер угоре накај ридот со прекрасни куќи.” Ајде сега, да си погодуваме каде е Струга, Охрид, св.Наум , го гледаш она што свети онаму, мислам дека е Радожда, ќе одиме на белвици.” Фрлате каменчиња во водата.Па си легнувате, така”на голо” на камењата.Господе Боже каков Млечен Пат.”Ги знаеш соѕвездијата?”
Лето е секое летно корзо во секое туристичко градче. Парада.Парадираме јас и ти лежерно стокмени. Поголеми и пошашави обетки не можев да ставам. Па што фали, види ја бабава, шарениов ѓердан тежи повеќе од неа! Ама се држи за дедото.Ух, прав господин! Каков шешир и кремасто одело, као за “љубим руке госпоџо!”Баш се пар! Како јас и ти!
“Мммм крофнички? Сакаш? ”
“Сакам , с’е сакам со тебе, ај на пристаниште! ”
“Што ќе правиме? Па ќе му речеме на оној утринава кој викаше по тебе”Мисје, мисје” да не провози со бротчето околу Канео едно кругче.”
Не вози” капетан беле лаѓе”, удолу тајновитата езерска темнина, од една страна тишина, од друга страна Охрид светнат навечер, а меѓу нас бранови, ветер и свежина, во утробите милина, топлина. Излегуваме од бротчето на пристаниште.
“Знаеш дека ми се тресат нозете?”
“Вечер допрва ќе ти се тресат!”мангупски се насмевнуваш.Ми ги вадиш шнолите од коса фрлајќи ги на улица шепотејќи ми во уво”Со пуштена те сакам” и ме бубнуваш нежно во врат.”Хеи! Ми ја растури фризурата”Грубо ги зариваш прстите во мојата и онака бушава коса и уште толку ми ја бушавиш. “Блесав еден”те лупкам по грб. Ми бегаш.Те снемува.Се шуткам низ шеталиштето барајќи те.”Ова ти треба” Го слушам одзади твојот глас додека ми ставаш венче со големи цветови купено на некоја од тезгите со џиџи-миџи на главата.”Прекрасно е!”се топам.
Лето е извиткана, стуткана книга на плажа.Од вода, од помади и млеко за сончање, од моите шкрабаници. А сега во моментот и куп песок шо го шутна некој во неа.Подигам главата.”Колку си убавааа, како се викаш бајадеро мала?” Мила”. Лето е правење бунар со Мила покрај езерото.
Лето е мирис на Копертон, и “ајде тазе варени ченкииии”! Лето е додека жмиркаме сончајќи се и им ги слушаме гласовите. Оговараме малку.”Американкиве зборат ко од порнич да излегле”Види ги србиве, исти ко нас, со мегафони на уста””А овие? кој знае колкави плати земаат у Холандија со пива од маркет у кафичов бреиииј скаперници, само ние не гледаме по менија цени.Земеш брале и трошиш, на одмор си”
“Шо се овие прилепчани или битолчани?И слушаш: Јагодчеееееее! (Ја вика кабадајата сирената Јагодче која” излегва одвода”како од реклама за Викторија Сикрет,Јагооодчее! Дванаес мисколои имам на ајфоно!””Битолчани се!”-едногласно!
Лето е шетање приквечер низ кампот. Гласови кои се мешаат:
“Јамб у најава”
“Е шо да праам, зезнав работа.Откај знаев дека е хопла за торти” Ти да си ги јадеш сеа шпагетите кретенууу”
“Дај уше една вешалица наваму и само пола со пола”
“Како не ти е срам да ми се пушташ! Види, цел си бел во косата”Девојче, и на врв на планинана има снег, ама доле е пролет” вели строто швалериште.
“Мамо, мене ми се кака””Чекај да допушам цигарата”
“Слушаш ли бе одговоров”?
“Слушам, шо да кажам! Зошто кучињата ги галат, им зборат и ги шетаат, а на децава само мобилни им даваат и толку?🤔
“Сум се родил меераклија….еее знаеме знаеме”
“Тонч”!
Лето е кога стануваме во пет и сркаме кафе, јадеме овошје и гледаме во огледалото Божјо.Каква убавина.Тишина. “Па ќе пешачиме,сакаш?”Сакам”.
“Знаеш што, вечер не мрдаме од тука! Ќе ти направам превкусна вечера, ќе седиме и уживаме на терасава, ќе пиеме вино од оние кристалнине чаши, а потоа ставам клуч на врата до утре вечер! Те киднапирам и носам во царството на сладострастието! Пушти ми ја Шаде молим те.И Брајан, и Бери..ммм “”Еи, облечи го она Тинто Брас-фустанче тогаш”
Лето е кога пливам, а чувството не е физичко туку метафизичко. Друга димензија.Слобода! Штом начекам карпа се пентарам и скокам на глава. Па нуркам, па стојам на раце, како мало дете, глупирање.”Сакаш пиво?”Не, нес”Ајде излегувај,доаѓај, ќе изгориш, доста ти беше”
Ех, ова ни стотинка не е лето, ама морав да си напраам терапија со безгрижни реченици.
Ај добро утро!