На 28 април 2001 година, попладнето во 17:45 часот на кривината Црвен камен во месноста Бреза, на средина од планинскиот пат помеѓу селата Селце и Вејце – тетовско, се случи најгрозоморниот и најкрвавиот настан во војната во Македонија од 2001 година и во поновата историја на Македонија.
Од припадници на терористичката, паравоената формација ОНА, од заседа беа пресретнати, нападнати, убиени и на крај ѕверски масакрирани осум, а ранети тројца припадници на безбедносните сили на Република Македонија. Крвав настан меѓу ретките, со ваква жестокост и злоба, извршен и забележан во вековната борба за слобода и државност на македонскиот народ во Македонија. Вкупниот крвав биланс е осум загинати и тројца ранети припадници на безбедносните сили на Република Македонија.
По вооружениот напад, терористите се симнале на патот при што почнало дивеењето и крвавиот пир врз тешко ранетите и онеспособени за давање на отпор припадници на безбедносните сили.Откако со истрели од близина се усмртени тешко ранетите, но сеуште живи припадници на безбедносите сили на Република Македонија. терористите го започнале масакрирањето на нивните тела со брутално кршење на черепите со кундаците од пушките и со бодење на веќе мртвите тела на македонските бранители со длабоки убоди предизвикани со вртење од таканаречен “кинески” нож. На крај тројца полицајци, се уште живи биле запалени и целосно изгорени.
Постојат многу сомнежи дека патролата била предадена од полициски началници. За време на кратката борба, преку мобилниот телефон подоцна масакрираниот Илче Стојановски се јавил на двапати кај неговиот претпоставен во базата во Тетово и му пренесол дека се нападнати, дека има ранети и загинати и бара да им се испрати итна помош, која за жал, не ја добиле. Откако се случија ден претходно чудни измени во патролата, како и бавната реакција на помош, бранителите непосредно пред нивната маченичка смрт биле свесни дека се работи за предавство. Во тие кратки мигови на одлука и размислување, на нишан од терористите и соочен со смртта, Илче Стојановски во последен здив уште еднаш се јавува, за очајнички и безпомошно да каже:
„НЕМА ПОТРЕБА ПОВЕЌЕ ДА НИ ДОАЃАТЕ ВО ПОМОШ. СИТЕ ЌЕ ИЗГИНЕМЕ ЗА МАКЕДОНИЈА.“ И радиостаницата замолкна.
Исто така дали е случајно или режирано и плански изведено, од 16 припадници од патролата на безбедносните сили на Република Македонија, во Масакрот кај Вејце да има осум загинати и осум да се останати живи. Не, бидејќи се смета дека бројот осум има симболично значење и претставува конфликт до бескрај.
За загубите на припадниците на ОНА, доколку ги имало, до денес македонската јавност не знае ништо. Освен безуспешниот судски обид на родителите на загинатите, никој не се обиде, иако некои беа обврзани и по службена должност, да ја расветлат вистината за масакрот кај Вејце.
Густа пајажина од спротивставени гласини и несинхронизирани изјави се плете до денес, без некој да ја каже правата вистината за масакрот. Но сепак, една е вистината за Вејце, која ја знаат двете страни, но до кога ќе им требаат време и смелост да и ја соопштат на македонската јавност. Дотогаш, за масакрот кај Вејце многумина довека мир нема да имаат во душата а совеста ќе ги пече и разорува.
Бидејќи речиси сите загинати во Вејце се масакрирани со тврди предмети и ножеви, додека биле ранети и живи, а потоа и живи запалени, сето тоа се коси со Женевската конвенција и другите норми на војување, со што настанот е доволен доказ дека извршителите и нарачателите требаa да бидат изведени пред домашните судови а потоа и пред меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг. Сите докази и материјали, во форма на дигитален запис, биле испратени до Меѓународниот суд за воени злосторства. Меѓу петте оформени Хашки предмети за воени злосторства направени во 2001 година во Македонија, е и досието за Водството на ОНА во кое е опфатен и Mасакрот кај Вејце. Судот во Хаг го процесуираше само случајот Љуботен, а станатите четири – Мавровски работници, Липковска брана, Непроштено и Водство на ОНА, Трибуналот ги врати во Македонија, за да се процесуираат и судски завршат во Македонија.
Собранието на Република Македонија со гласење на пратениците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на 24 јули 2011 година, со 62 гласа “за”, го усвои автентичното толкување на Законот за амнестија, со што ги затвори хашките случаи, а со тоа и Масакрот кај Вејце. Меѓутоа, меѓународното право и практика не познаваат амнестија на воени злосторства, дека тие не застаруваат и дека врз нив има универзална јурисдикција. Оттука, Државата може некогаш да реши повторно да ги активира и процесуира овие воени злосторства.
Семејствата на масакрираните бранители, многу тешко и болно ја прифатија одлуката на нашите пратеници но нема да дозволат крвавиот настан да избледи, да се ревидира, или да остане незабележан во историјата на македонскиот народ. Масакрот во Вејце не може, ниту да се заборави, ниту да се прости.
Хероите од Вејце се:
Роберт Петковски († 27) ─ од скопско Бунарџик
Игор Костески († 26) ─ од Кисела Вода
Миле Јаневски († 30) ─ од Македонска Каменица
Бобан Трајковски († 28) ─ од Куманово
Марјан Божиновски († 27) ─ од битолско Горно Оризари
Илче Стојановски († 24) ─ од битолско Породин
Бошко Најдовски († 25) ─ од битолско Долно Оризари
Кире Костадиновски († 24) ─ од битолско Горно Оризари
ВЕЧНА ВИ СЛАВА!