Мнозинството приврзаници на екстремно левичарскиот кандидат за француски претседател Жан Лук Меланшон нема да излезат на гласање или ќе ги остават празни ливчињата во вториот круг од претседателските избори во Франција, покажа денеска анкетата меѓу приврзаниците на Меланшон.
Така, во вториот круг од претседателските избори во Франција, Емануел Макрон е пред голем предизвик во дуелот со Марин Ле Пен, бидејќи двете страни сакаат да ги добијат гласовите на оние кои го поддржаа Меланшон во првиот круг.
Меланшон, кој беше трет во првиот круг на 10 април со околу 22 отсто од гласовите, ги повика своите поддржувачи да не гласаат за Марин Ле Пен во вториот круг, но престана да го поддржува Макрон и рече дека неговата партија ќе одржи јавни консултации за да помогне нејзините членови и симпатизери да одлучат кого ќе го гласаат во вториот круг.
Според резултатите од истражувањето во кое учествувале околу 215.000 луѓе, повеќе од 66 отсто од учесниците изјавиле дека ќе се воздржат, ќе го остават празно гласачкото ливче или ќе го поништат.
Нешто повеќе од 33 отсто од испитаниците избрале да му го дадат својот глас на Макрон.
Испитаниците не беа прашани дали ќе гласаат за Марин Ле Пен.
Врз основа на прелиминарните резултати, актуелниот француски претседател Емануел Макрон води во првиот круг од претседателските избори со неколку процентни поени пред лидерката на крајната десница Марин Ле Пен, со која ќе се соочи во вториот круг на 24 април.
Макрон доби 27,4 отсто врз основа на преброените 38 милиони гласови, додека кандидатката на десничарското Национално собрание (РН), Ле Пен, доби 25,54 отсто.Анкетите по првиот круг сугерираа дека трката ќе биде уште понапната во вториот.