Македонија

МВР : Граѓаните да не наседнуваат на лажни наградни игри на Фејсбук

 

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Бирото за јавна безбедност на МВР во изминатиот период евидентираше зголемен број на лажни наградни игри на интернет, каде со користење на социјалните мрежи, особено Facebook, се отвараат лажни профили на правни лица (компании) од нашата земја, а со цел неовластено прибавување на лични податоци од граѓаните.

Со отварањето на лажни профили именувани како некоја позната компанија од земјата, соопшти денеска МВР, со користење на нивните логоа и брендови, се прават објави дека поради одреден повод (роденден на компанијата и сл.) се организира наградна игра, со разни подароци за среќните добитници, како на пример вредносни ваучери, мобилни телефони и сл.

– Во објавите се бара од граѓаните доколку сакаат да учествуваат во овие (лажни) наградни игри, да стиснат допаѓање „like“ на страната и на конкретната објава, во коментар да напишат „Учествувам“, како и да извршат нејзино споделување, со цел што повеќе да се рашири лажната наградна игра, појаснуваат од МВР.

Потоа од креаторите на овие лажни наградни игри им се испраќа порака на граѓаните дека се добитници на награда и за подигање на истата потребно е да ги дадат своите лични податоци, да испратат слика од нивната лична карта (од двете страни), како и фотографија од имателот на личната карта.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР апелира до граѓаните за постоењето на ризици од можни злоупотреби на личните податоци преку интернет.

Исклучително е важно, нагласуваат, граѓаните да бидат внимателни и одговорни околу своите лични податоци, односно да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може однапред да им се утврди идентитетот.

– Во оваа конкретна ситуација, апелираме граѓаните, да се осигураат за веродостојноста на наградната игра, затоа што нивните лични податоци може да бидат искористени при извршување на други видови кривични дела, и на тој начин да бидат соочени со несакани негативни последици, се подвлекува во соопштението.

МВР, во рамки на свои надлежности, презема мерки во врска со овие случаи, во соработка со полициски организации од другите држави.

Related posts

Leave a Comment