КИЕВ – Украинскиот опозициски политичар Виктор Медведчук, кој беше заробен од украинските безбедносни сили, јавно им се обрати на претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Владимир Зеленски, со предлог да го разменат за припадници на армијата и жители на Мариупол. Видео пораката на Медведчук, кој важи за близок соработник на рускиот претседател, на неговиот канал на Телеграм ја објави Службата за безбедност на Украина (СБУ).
„Јас, Виктор Владимирович Медведчук, сакам да им се обратам на рускиот претседател Владимир Путин и на украинскиот претседател Владимир Зеленски со барање украинската страна да ме размени за бранителите на Мариупол и жителите“, рече Медведчук.
На 16 април сопругата на Виктор Медведчук, Оксана, му се обрати на претседателот на Руската Федерација со барање за помош за ослободување на нејзиниот сопруг. Таа изјави дека Медведчук дал согласност за размена и екстрадиција на територијата на Руската Федерација доколку земјите постигнат договор.
Претходно, таа го сними барањето за помош од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, како и од престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман Ал Сауд, да помогнат во размената на британските затвореници за нејзиниот сопруг.
На 12 април Зеленски објави дека Медведчук е приведен и објави фотографија на социјалните мрежи на која се гледа политичарот со лисици и во маскирно одело. Подоцна, украинскиот лидер и понуди на Русија да го замени политичарот со заробени украински војници.
Медведчук е во домашен притвор од мај 2021 година, од каде, како што соопшти Министерството за внатрешни работи на Украина, побегнал на 28 февруари, четири дена по рускиот напад на Украина и оттогаш се води како исчезнат.
Украинските власти го сомничат Медведчук за велепредавство и обиди за грабеж на националните ресурси на Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година.