За прв пат, научниците открија вода во атмосфера на егзопланета слична на Земјата. Планетата именувана како К2-18б има маса осум пати поголема од Земјата и ја орбитира својата sвезда во „зона во која може да се живее“, ниту премногу близу ниту премногу далеку, во која водата може да постои во течна форма, според студијата објавена во научното списание „Nature Astronomy“.
Професорот Џовани Тинети од Универзитетот во Лондон вели дека ова откритие е зачудувачко.
– Оваа планета е најдобриот кандидат за потрага по знаци на живот надвор од нашиот сончев систем. Не можеме да потврдиме дали има океани на површината, но постои реална можност за тоа “, рече Тинета.
Од досега откриените 4.000 егзопланети (планети надвор од нашиот сончев систем), оваа е прва што има карпеста површина и атмосфера со вода, пренесува Би-Би-Си.
Планетата К2-18б е оддалечена 111 светлосни години од Земјата.
За подобро да ја истражат оваа планета, научниците ќе треба да почекаат цела деценија, затоа што им требаат телескопи кои можат да откријат дали има гас во атмосферата произведен од живи организми.
Што е тоа егзопланета?
Егзопланетите се планети што се надвор од Сончевиот систем. Првата егзопланета е откриена во 1992 година, а оттогаш се откриени над 4.000 егзопланети со користење на различни техники.