Свет

Не се враќајте до пролет – пораката на вицепремиерката на Украина до бегалците

Украинските бегалци не треба да се враќаат до пролет за да не се зголеми притисокот врз енергетскиот систем по руските напади врз енергетската инфраструктура, изјави вицепремиерката Ирина Верешчук.

„Електричната мрежа нема да може да се справи со тоа. Погледнете што прави Русија. Мораме да ја преживееме зимата“, изјави Верешчук, пренесува BBC.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека руските воздушни напади уништиле повеќе од една третина од енергетскиот сектор во земјата.

Верешчук рече дека е важно луѓето од Украина засега да се воздржат од враќање бидејќи „ситуацијата само ќе се влоши“.

„Ако е можно, останете во странство засега“, додаде таа, пренесе Бета.

Економијата на Украина е тешко погодена од почетокот на војната, а Зеленски го повика светот итно да помогне за покривање на очекуваниот буџетски дефицит од 37 милијарди евра следната година.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објави дека на Украина ќе и требаат три милијарди евра секој месец за да преживее следната година и пет милијарди евра доколку Москва ги засили нападите.

Русија соопшти дека нападот врз енергетските мрежи на Украина е одмазда за нападот на мостот што го поврзува копното на Русија со Крим, иако Киев не ја презеде одговорноста за нападот.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари, Агенцијата за бегалци на ОН забележа дека околу 7,7 милиони луѓе ја напуштиле Украина низ Европа од вкупното население од околу 44 милиони.

Related posts

Leave a Comment