Европската комисија преговара со Соединетите Американски Држави и другите добавувачи за испораките на гас поради неизвесноста околу испораките од Русија, изјави во понеделник претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен.
„Ние градиме партнерство за енергетска безбедност со Соединетите Држави, кое првенствено е за зголемување на снабдувањето со течен природен гас (LNG). Разговараме и со други добавувачи на гас , како Норвешка, за зголемување на испораките за Европа“, рече претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен на конференцијата организирана од неколку германски медиуми, пренесе Ројтерс.
Поради тензиите меѓу Западот и Москва околу Украина, Европа е сè позагрижена за испораките на гас од Русија .
Во моментов, испораките на гас во Европа се за 10 отсто пониски од вообичаените во овој период од годината. Руски Гаспром тврди дека ги исполнува своите обврски од долгорочните договори, но претставниците на ЕУ и Меѓународната агенција за енергетика ја обвинуваат Русија дека испорачува помалку поради тензиите околу Украина.
Претседателот на Комисијата истакнува дека „необично е што Гаспром не е заинтересиран за зголемување на испораките на гас и покрај рекордно високите цени и високата побарувачка“.
„Постојат сè поголеми знаци дека Кремљ продолжува да користи гас како средство за политички притисок“, рече фон дер Лајен.
Европската унија 40 отсто од потребите за гас ги задоволува со увоз од Русија. Освен со САД, ЕУ преговара и со Катар, главен производител на ЛНГ, и со Азербејџан за зголемување на испораките на гас во случај на прекини во снабдувањето од Русија.
Претседателот на Комисијата вели дека не може да се исклучи цената на бензинот да остане на многу високи нивоа.