Сојузот на средношколци побара од Државниот просветен инспекторат јавно да ги објави извештаите за спроведени инспекции во средните училишта за кои претходно алармираа дека наплаќаат за издавање свидетелства.
„Училишта прават бизнис од јавното образование кое според закон е бесплатно“, истакна денеска новиот претседател на Сојузот, Лука Павичевиќ.
Тие ги поздравуваат инспекциите во училиштата, но сакаат да знаат според која методологија се направени. Минатата недела од Сојузот го контактирале инспекторатот, но се уште не добиле одговор.
„Ние знаеме кои сте, вие самите знаете кои сте. Вратете ги парите на учениците зашто само така можете да го решите овој проблем. Срамно е да се наплаќаат сведителства кога било, но особено во училишна година целосно одржана преку неквалитетна онлајн настава со професори кои беа слабо обучени или воопшто не беа“, им порача Павичевиќ на училиштата пред седиштето на Министерството за образование и наука.
Според информациите кои ги добил Сојузот на средношколци, средното медицинско училиште во Тетово наплаќа меѓу 150-200 денари за свидетелство, додека економското училиште во Тетово бара износ од 150 денари за издавање на свидетелството и на дипломата за крај на средното образование. Покрај нив, од Сојузот алармираа дека и скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“ наплатува од своите ученици 100 денари за свидетелството, а гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп 30 денари од ученик.
Оттаму нагласуваат дека ваквата наплата за сведителства е проблематична бидејќи барањето пари од учениците го загрозува јавниот и бесплатниот карактер на државното образование и се спротивни од ставот 2, член 3 од Законот за средно образование.
Тие и минатата година посочија на проблемот, по што дел од училиштата кои ја применувале оваа пракса ја прекинале наплатата, но проблемот продолжува да се јавува во одредени училишта.
Бирото за развој на образованието, пак, годинава не ги испорача сведителствата за сите средношколци на ниво на државата. Засега обезбедени се свидетелства за учениците во деветто одделение, како и за матурантите, бидејќи им се неопходни за упис и продолжување на образовниот процес.