Полска ќе се подготви за можен прилив на бегалци од Украина во случај на руска инвазија, изјави денеска полскиот премиер Матеуш Моравјецки.
Тој изјави дека инфраструктурата за бегалците ќе биде поставена во близина на полската источна граница со Украина, но дека подоцна некои објекти би можеле да бидат преместени на друго место, пренесува Ројтерс.
– Во следните неколку дена ќе свикам тим кој ќе се занимава со прашања од логистика, капацитети, транспорт и инфраструктура – изјави Моравјецки на новинарите.
– Мораме да бидеме подготвени за најлошото – рече тој и додаде дека тимот ќе има задача и на бегалците да им обезбеди пристап до здравствена заштита и образование.
– Би им помогнале на Украинците да ги ублажат последиците од рускиот напад – изјави Моравјецки.
Русија вчера најави делумно повлекување на војниците, велејќи дека тоа продолжува и денеска и дека руските вооружени сили ќе се вратат на своите нормални позиции за три до четири недели.
НАТО денеска соопшти дека ќе го поздрави руското повлекување, но дека досега не видел знаци за некое значително движење на војниците, пренесува Танјуг.