Шест руски воени бродови се на пат кон Црното Море за да учествуваат во поморски вежби, го цитираше руското Министерство за одбрана Интерфакс дека станува збор за однапред планиран трансфер на воени ресурси.
Русија минатиот месец објави дека нејзината морнарица ќе учествува во сеопфатни вежби во јануари и февруари, кои ќе ги вклучат сите нејзини флоти од Пацификот до Атлантикот. Вежбите на морнарицата се најновата демонстрација на силите во напливот на воени активности среде кризата меѓу Русија и Украина.
Шест бродови треба да го преминат турскиот теснец кон Црното Море во вторник и среда, соопштија турски извори.
Бродовите ги вклучуваат Королев, Минск и Калининград, кои ќе пловат по Босфорот во вторник, додека Фотр Моргунов, Георги Победоносец и Оленгорски Горњак се очекуваат во среда.
Русија собра повеќе од 100.000 војници во близина на украинската граница, негирајќи дека планира инвазија, но бара безбедносни гаранции, вклучително и ветување дека нема да распоредува проектили во близина на нивната граница. Покрај тоа, тие бараат на Украина да и се забрани некогаш да се приклучи на НАТО.
Законски, Турција, членка на НАТО, би можела да го затвори транзитниот теснец доколку Русија преземе воена акција против Украина.
„Турција е овластена да го затвори теснецот за сите странски воени бродови за време на војна или кога е загрозена од агресија. Овластена е и да одбие транзит за трговските бродови кои припаѓаат на земји во војна со Турција“, рече Јорук Исик, геополитички аналитичар во Истанбул.
Турција, која дели поморска граница со Украина и Русија во Црното Море, рече дека секој воен конфликт би бил неприфатлив и ѝ кажа на Москва дека секоја инвазија би била неразумна.
Меѓутоа, турскиот претседател Ердоган исто така понуди да посредува во спорот меѓу Москва и Киев. Анкара има срдечни односи со двете земји, иако Ердоган вели дека ќе стори се што е потребно како членка на НАТО во случај на руска инвазија.
Францускиот претседател Емануел Макрон по разговорите со рускиот претседател Владимир Путин изјави дека наредните денови ќе бидат клучни за кризата околу Украина. Путин посочи дека е постигнат одреден напредок во преговорите.