Турското Министерство за одбрана објави денес, дека првата група на руски компоненти на системот за противвоздушна одбрана С-400 е ефикасно предадена на Турција.
“Турција ја доби првата компонента на системите за воздушна одбрана С-400. Испораката е доставена до воздухопловната база Муртед во провинцијата Анкара “, соопшти турското Министерство за одбрана.
Во меѓувреме, турската државна телевизија објави дека уште два авиони кои превезуваат компоненти на С-400 слетале во Турција во истата воздухопловна база .
Реагирајќи на најновите случувања, НАТО изрази загриженост во врска со купувањето на С-400 системите од Анкара.
Во 2017 година Москва и Анкара потпишаа договор за испорака на најсовремени С-400 системи. САД го критикуваа овој потег, наведувајќи дека системите може да бидат некомпатибилни со стандардите на НАТО.
Покрај тоа, Вашингтон и се закани на Анкара со санкции за купувањето и ја уценуваше земјата, велејќи дека САД ќе ги спречат турските сили да летаат и да ги развиваат своите авиони Ф-35.
Турција, од своја страна, постојано нагласува дека купувањето на воена опрема е суверено право и ја отфрли можноста да се откаже од плановите за набавка на С-400 системите.
Меѓутоа, тензиите неодамна се смирија кога турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган претходно овој месец рече дека претседателот Трамп го уверил дека САД нема да и наметнат санкции на Анкара за нејзиниот договор со Русија.