Регион

Продолжуваат протестите на опозицијата во Албанија, се бара оставка на премиерот Рама

И покрај отсуството на претседателот Љуљзим Баша кој е во посета на Берлин, албанската опозиција го одржа најавениот протест. Она што го карактеризира денешниот протест е дека освен со полицијата, демонстрантите се судрија и сами меѓу себе.

Опозицијата најавува дека се ближи денот кога премиерот Еди Рама ќе мора да си замине од функцијата.

„Стејт департментот ја опиша Албанија како центар за дрога, перење пари, дистрибутивен центар на организираниот криминал во Европа и во САД. Тоа е извештај што досега бил направен само на Нориега. Затоа, ќе протестираме додека не замине. Бидете убедени дека денот кога ќе замине премиерот кој не ги претставува чесните Албанци е многу блиску”, рече Еди Палока, потпретседател на ДП.

Од говорницата на парламентот, премиерот Еди Рама рече дека за предвремени избори одлуката ќе ја донесе неговата партија.

„Дали ќе има или ќе нема предвремени избори, тоа не е нешто што ќе може да се направи со уцена или со закана. Тоа е волја на Социјалистичката партија, која ќе просудува, дали треба да има или не, а не поради протестите на опозицијата. Не, поради нив“, рече Рама.

Тој ја отфрли можноста за вклучување на пратениците кои ги вратија мандатите во собранието.

„Оние кои избегаа, оние кои ги напуштија луѓето што требаше да ги застапуваат, нема да се вратат овде незаконски, односно по пат на никакво пазарење. Тоа нема да се случи. Предвремени избори, само затоа што гатачката останала без плата, ќе нема. Нека продолжи со гатање и нека одржи таму филџанска револуција, но тука, не”, додава Рама.

Пред владата, беше изгорена пирамидата од картон со црно-бели линии со името на премиерот Рама на врвот. Тоа го означи и крајот на протестот.

Related posts