„Побарав од руските министерства за одбрана и надворешни работи да го анализираат нивото на закана за нашата земја предизвикана од американските активности и да преземат обемни мерки за да подготват симетричен одговор“, рече Путин на состанокот на неговиот Совет за безбедност.
Соединетите држави во неделата спроведоа ракетен тест од среден дострел од остров близу Калифорнија, објави Пентагон, потврдувајќи го раскинувањето на договорот за нуклеарни сили од среден дострел (ИНФ).
После шестмесечен неуспешен дијалог, Русија и САД во почетокот на август забележаа дека ИНФ, договорот според кој САД и Советскиот сојуз забранија употреба на ракети со опсег од 500 до 5.500 километри, истече.
Потпишан на крајот на Студената војна во 1987 година, тој документ стави крај на кризата предизвикана од советското распоредување нуклеарни ракети СС-20 во Европа.
На 1 февруари американскиот претседател Доналд Трамп ја повлече својата земја од ИНФ, а истиот ден тоа го стори и Русија. Вашингтон и Москва меѓусебно се обвинуваат за кршење на договорот.
Русија и Кина веднаш ја осудија ракетната проба на САД, укажувајќи на ризик од ескалирање на воените тензии и рестартирање на трката за вооружување.
„Очигледно е дека (американскиот ракетен тест) не беше резултат на импровизација, туку уште една карика во низата настани планирани одамна“, рече денес Путин, додавајќи дека ова само ја засилува основата за загриженост изразена од порано.
Путин, сепак, истакна дека Русија останува отворена за конструктивен дијалог на еднаква основа со САД за да се врати довербата и да се зајакне меѓународната безбедност.
Со укинувањето на ИНФ, останува на сила само еден билатерален договор за нуклеарна соработка меѓу Москва и Вашингтон, договорот СТАРТ со кој се одржуваат нуклеарните арсенали на двете држави далеку под нивото на Студената војна. Тој договор истекува во 2021 година.
Рускиот претседател Владимир Путин повторно го повика Вашингтон на почетокот на август за „сериозен дијалог“ за разоружување за да се „избегне хаос“