Свет

ПУТИН ГО ВПЕРИ ПРСТОТ КОН ДЕМОКРАТИТЕ : ПРОТЕСТИТЕ ВО САД ГИ ОРГАНИЗИРААТ ПОЛИТИЧКИТЕ РИВАЛИ НА ТРАМП

Претседателот на Русија, Владимир Путин оцени дека протестите против расизмот и полициската бруталност во САД, во последните неколку недели, се израз на „длабоки внатрешни кризи“ во земјата.

Смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд за време на полициското апсење во Минеаполис на 25 мај предизвика бран протести во земјата.

„Секако, она што се случи е израз на длабока внатрешна криза“, рече Путин во интервјуто што се емитуваше на државната телевизија во неделата.

„Всушност, ова го следиме долго време, од доаѓањето на власт на сегашниот претседател (Доналд Трамп), кој победи на очигледен начин, на демократски начин“, продолжи рускиот претседател.

„Но, оние што изгубија ги раширија сите можни измислици за да го доведат во прашање легитимитетот на Доналд Трамп“, додаде тој.

Во 2016 година, по изборот на Трамп, следуваа обвиненија за руско мешање во изборите во САД во негова корист, што Москва жестоко ги отфрли.

Според Путин, борбата против коронавирусот ги покажа општите проблеми што ги имаат САД.

Владимир Путин исто така истакна дека Москва подобро се справува од Вашингтон со пандемијата на „Ковид-19“.

„Излегуваме со минимални загуби, но тоа не е случај во САД“, рече тој.

Русија регистрираше 8.825 нови случаи на коронавирус во неделата, со што досега се искачи на 528.964, рангирајќи се на третото место во светот по Соединетите држави и Бразил.

Во Русија има нешто помалку од 7.000 смртни случаи.

Американците ја надмина бројката од два милиони заразени во неделата, но има повеќе од 115.000 мртви.

Related posts

Leave a Comment