Свет

Путин му честита на Асад: Победата на изборите го докажува вашиот висок политички авторитет

Рускиот претседател Владимир Путин и сирискиот претседател Башар Асад

Рускиот претседател Владимир Путин му ја честиташе победата на сирискиот лидер Башар ал-Асад на изборите, велејќи дека резултатите од гласањето покажаа висок политички авторитет на сирискиот претседател, објави прес-службата на Кремљ.

„Резултатите од гласањето целосно го потврдија вашиот висок политички авторитет, како и довербата на граѓаните во политиката што ја спроведувате со цел што побрзо стабилизирање на состојбата во Сирија и зајакнување на државните институции“, се наведува.

Во пораката, Путин исто така наведе дека Русија има намера да продолжи со давањето поддршка на сириските партнери во борбата против тероризмот и екстремизмот, како и кога станува збор за продолжување на политичкиот процес за стабилизирање на земјата.

Се огласи и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој рече дека главниот успех на Асад е тоа што со огромна помош на Русија, тој успеа да спречи катастрофално сценарио во Сирија, кое ќе значеше предавање на земјата во рацете на исламските терористи.

Песков се осврна на прашањето за можна средба меѓу Асад и Путин, велејќи дека во моментов нема план за нивна средба.

Русија ќе продолжи да ја поддржува Сирија

Руското Министерство за надворешни работи издаде и соопштение по повод победата на Асад  изборите во Сирија, во кое се наведува дека Русија ќе продолжи да ги поддржува суверенитетот и независноста на земјата , како и да дава помош кога станува збор за отстранување на последиците од конфликтот.

Како прво, тоа се однесува на обновување на уништената социо-економска инфраструктура, но и на отстранување на други негативни последици од долгорочниот конфликт.

Да потсетиме, сирискиот претседател Башар ал-Асад освои уште еден претседателски мандат , бидејќи на изборите освои 95,1 процент од гласовите .

Related posts

Leave a Comment