Свет

Путин: Нуклеарните бомби на НАТО во ЕУ, руските ракети во Белорусија

Путин

САНКТ ПЕТЕРБУРГ – Рускиот претседател Владимир Путин за време на денешниот разговор со претседателот на Белорусија Александар Лукашенко изјави дека САД испорачале околу 200 парчиња нуклеарно тактичко оружје во Европа и дека за таа цел се подготвени 257 борбени авиони од неколку земји членки на НАТО.

 

Во исто време, Путин потврди дека во наредните месеци Москва ќе и испорача на Белорусија нови тактички ракетни системи со краток дострел „Искандер М“, пренесува ТАСС.

„Во согласност со нашиот претходен договор, беше одлучено да испорачаме тактички ракетни системи Искандер-М на Белорусија во наредните месеци, кои, како што знаете, користат и балистички и крстаречки ракети и во стандардни и во нуклеарни модификации“, рече Путин.

Дополнително, рускиот претседател го информираше претседателот Лукашенко дека руската влада е во близок контакт со надлежните агенции на ОН за прашањето за глобално снабдување со жита и вештачки ѓубрива.

„Повторувам дека ќе се вратиме на прашањата кои се најитни, а тоа е снабдувањето со храна и ѓубриво на глобално ниво. Во директен контакт сме со надлежните специјализирани агенции на ОН“, рече Путин.

На снимката од средбата со Лукашенко, која на социјалните мрежи ја објави репортерот на државната телевизија „Русија 1“, Путин потсети дека Русија и Белорусија се главните добавувачи на ѓубрива на светскиот пазар, објави претходно Ројтерс.

Related posts

Leave a Comment