Рускиот претседател Владимир Путин даде интервју за американскиот телевизиски канал Ен-Би-Си, во кое зборуваше за неговите очекувања пред средбата со американскиот претседател Џо Бајден.
Неколку дена пред самитот во Женева, експертите во САД се прашуваат што да очекуваат од претседателот на Руската Федерација, тие го фаќаат секој сигнал што се појавува на јавно поле и се обидуваат да ги дознаат расположението и плановите на руската страна за претстојната средба.
Како одговор на барањето на новинарката на Ен-Би-Си, Кира Симонс да го спореди поранешниот американски претседател Доналд Трамп со сегашниот шеф на Белата куќа, Путин рече дека Бајден е „радикално различен од Трамп затоа што претседателот Бајден е политичар од кариера“.
„Тој го помина скоро целиот свој живот во политиката … тој е сосема друга личност, има предности и недостатоци во ова, но се надевам дека нема да има импулсивни постапки на сегашниот претседател“, рече рускиот лидер.
Водителот праша и како реагирал рускиот претседател на навредливата изјава на Бајден, во која за време на едно од своите интервјуа рече дека Путин може да се нарече „убиец“.
„За време на мојот мандат се навикнав на напади од сите страни и од сите области под различни изговори и причини, од различен калибар и суровост, и ништо од тоа не ме изненадува“, одговори рускиот лидер со насмевка.
Треба да се има предвид дека ова интервју за Ен-Би-Си беше првиот детален разговор на Путин со американските медиуми во последните три години.