Рускиот претседател Владимир Путин предложи Русија и САД да подготват формален договор за немешање во домашните агенди и да потпишат договор за спречување на „инциденти во информативниот простор“.
Во изјавата пред претстојните претседателски избори во САД, Путин му даде на Вашингтон можност да започне сеопфатен дијалог за прашања што ги засегаат двете земји.
Путин предложи Вашингтон и Москва да разменат „гаранции за немешање во меѓусебните внатрешни работи, вклучително и изборните процеси“, користејќи телекомуникациска технологија и други „високотехнолошки методи“.
Бројни американски официјални лица долго време ја обвинуваа Русија дека користи хакери и води „пропагандни“ кампањи на социјалните мрежи, во обид да го разнишаат јавното мислење за американските избори. Москва жестоко ги негираше овие обвинувања, тврдејќи дека тие се неосновани или претерани.
Путин исто така рече дека Москва и Вашингтон мора да избегнат конфронтација во дигиталното поле, со потпишување на билатерален договор за спречување на „инциденти во информатичкиот простор“, сличен на американско-советскиот пакт од 1972 година, со кој се утврдени чекори за намалување на инцидентите на море.
Овие мерки се насочени кон „градење доверба меѓу нашите земји“, истакна Путин, додавајќи дека продолжувањето на „високо ниво“ на дијалогот за безбедноста на информациите е од заемна корист.
Вашингтон ги засили нападите врз Москва со приближувањето на денот на претседателските избори во САД на 3 ноември. Директорот на ФБИ Кристофер Вреј сведочеше на почетокот на овој месец пред Комитетот за национална безбедност на Претставничкиот дом дека Русија се обидува да „посее поделба и раздор“, пред се надевајќи се дека ќе го „оцрни“ ривалот на Доналд Трамп – Џо Бајден.
Руското Министерство за надворешни работи ги отфрли обвинувањата како „апсолутно без докази“, тврдејќи дека САД ја злоупотребуваат Русија за политички цели.
„Неколку пати изјавивме дека не сме се мешале во американските внатрешни политички процеси и дека нема да го сториме тоа“, рече портпаролот на Министерството, Марија Захарова.