Фудбалската федерација на Каталонија ги откажа сите фудбалски натпревари во регионот, откако на девет политички лидери на Каталонија им беа изречени затворски казни.
Како што објавија шпанските медиуми, Алијансата изјавила дека суспензијата е израз на солидарност со политичките лидери и нивните семејства и ги опфаќа сите фудбалски и футсал натпревари. Суспензијата не ја вклучува првата лига – Примера и репрезентацијата на Шпанија.
Шпанскиот Врховен суд денес осуди девет од 12 Каталонци на девет до 13 години затвор за нивната улога во обидот да ја одделат Каталонија од Шпанија во 2017 година.
Тие беа осудени за вмешаност во востание и злоупотреба на јавни средства. Казните се пониски од оние што ги бара обвинителството.
Претходно денес се огласи и Барселона, изјавувајќи дека затворот не е решение и дека конфликтот мора да се реши преку политички дијалог.
Фудбалскиот клуб Барселона е посветен на независноста на Каталонија, а на нивните натпревари на стадионот „Камп Ноу“ секогаш може да се видат знамиња на Каталонија.
Англиската фудбалска федерација минатиот март го казни тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, кој порано беше дел од Барселона, поради тоа што на неговиот ревер носеше жолта лента, симбол на поддршката за независноста на Каталонија.