Доналд Трамп објави оти привремено ќе го прекине финансирањето на Светската здравствена организација.Претседателот на САД смета дека СЗО потфрлила во борбата против пандемијата на коронавирусот и е „прокинески“ настроена
Американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека и’ наложил на својата администрација да го запре финансирањето на Светската здравствена организација (СЗО) поради начинот на кој реагираше на пандемијата со коронавирусот, пренесува Гласот на Америка.
Трамп на конференцијата за новинари во Белата куќа рече дека СЗО „не ја извршила својата основна должност и оти мора да одговара“.
САД – најголем уплатувач во СЗО
Тој додаде дека СЗО промовирала „дезинформации за Кина за вирусот“ што, како што наведе, веројатно довело до поголема епидемија отколку што, во спротивно, би било случај.САД севкупно најмногу финансиски придонесуваат за СЗО, за која во 2019 година издвоија 400 милиони долари, што е околу 15 отсто од буџетот на СЗО.
Одлуката на Белата куќа да се запре финансирањето на СЗО е очекувана, со оглед на тоа што Трамп сѐ почесто ја критикуваше оваа организација, додека жестоко реагираше и на критиките за начинот на кој одговори неговата администрација на епидемијата.
Критики за одлуката на САД
Одлуката на Трамп веднаш наиде на осуди. Претседателката на Американското медицинско здружение, Патрис Херис, оцени дека станува збор за „опасен чекор во прогрешна насока со што нема да се олесни нанесувањето на пораз на Ковид-19“ и го повика претседателот да се преиспита.Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во рекацијата на одлуката на САД, изјави дека не е момент да се намали финансирањето на СЗО. „СЗО мора да биде поддржана, бидејќи е апсолутно неопходна во светски напори да се победи војната против Ковид-19“, изјави Гутереш.Тој наведе оти ќе има време подоцна да се разгледа „како реагирале сите оние кои се вклучени во кризата“. Бројот на жртви од коронавирус во САД премина 25.600, додека заразени се околу 600.000 лица, според податоците на универзитетот „Џонс Хопкинс“.