Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го провоцираше својот наследник Џо Бајден пред престојниот самит со неговиот руски колега Владимир Путин.
“Среќно на Бајден во преговорите со претседателот Путин. Не заспивајте за време на состанокот и ве молам да му ги пренесете моите најдобри желби”, рече Трамп.
Да потсетиме, за време на предизборната кампања, Трамп повеќепати го нарекуваше својот противкандидат „ Заспаниот Џо “ затоа што Бајден често се појавуваше во јавноста деконцентриран, со многу лапсуси и гафови, што ги поттикна гласините дека страда од деменција.
Trump tells Biden not to fall asleep in his meeting with Putin pic.twitter.com/AJ8qz3Wjkl
— AntifaBook.com (@JackPosobiec) June 10, 2021
Бидејќи Бајден треба да се состане со Путин, за прв пат откако стана претседател, Трамп потсети на самитот во Хелсинки во 2018 година. Иако се сретна со рускиот лидер среде приказни за руската вмешаност во американските избори и обвинувањата дека тој е „руски човек“, Трамп посочи дека самитот бил „одличен и многу продуктивен“.
„Во тоа време, САД добија многу, вклучително и почит од претседателот Путин и Русија и покрај извештаите во лажните медиуми“, рече Трамп.
Средбата меѓу Путин и Бајден ќе се одржи на 16 јуни во Женева. Кремљ соопшти дека претседателите имаат намера да разговараат за руско-американските односи, стратешката стабилност, како и борбата против ковид-19 и решавањето на регионалните конфликти.