Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа го претстави деталниот план на Администрацијата, составен од повеќе фази, за отворање на американската економија, по воведениот карантин поради ширењето на коронавирусот во САД
На брифингот синоќа, Трамп истакна дека планот ќе се спроведува зависно од спецификите на секоја сојузна држава.
Се предлага начин постепено враќање на Американците на работа во оние држави каде епидемијата е запрена и се намалува. Гувернерите ќе имаат надлежност да ја коригираат реализацијата на планот, и да не ја отвораат економијата во случај на висок ризик од пренос на инфекцијата. -Не се отвора сѐ наеднаш, тоа го правиме внимателно и чекор по чекор, изјави американскиот претседател.
Станува јасно дека враќањето во нормален живот ќе биде многу подолг процес отколку што првично се надеваше и самиот Трамп. Од Администрацијата укажуваат дека мерките за физичка дистанца може да останат и до крајот на 2020 година, за да не избувне нов бран на Ковид-19. Белата куќа размислува олеснување на ограничувањата во економската активност на оние региони со ниско ниво на заразеност од коронавирус.
Додека во најзагрозените држави карантинот ќе продолжи и понатаму. Се предвидува дека во некои сојузни држави, каде заразеноста а мала, планот може да почне да се спроведуваат уште денеска. Ако бројот на инфекции се потврди дека се намалува, таму ќе се започне со масовно тестирање на населението. Се очекува тоа да го сторат државите од американскиот среден запад како Јута и Арканзас.
Планот е во три фази. Секоја ќе трае најмалку 14 денови. Во првата етапа, властите советуваат строго физичко дистанцирање. Не се препорачуваат собири на групи поголеми од 10 лица и не се препорачуваат патувања неповрзани со работа, или да се патува само ако е најнеопходно. Втората фаза препорачува понатамошно физичко дистанцирање таму каде што е можно, и се ограничуваат собири на групи поголеми од 50 лица. Третата етапа предвидува враќање во нормален живот за мнозинство Американци, со тоа што навремено ќе се детектираат и изолираат новите случаи на заразеност.