Продолжуваа судирите меѓу ултраортодоксните Евреи, противниците на ограничувањата наметнати поради пандемијата на коронавирусот и полициските службеници.
Во Ерусалим се појави натпис со кој шефот на израелската полиција се изедначува со водачот на нацистите, Адолф Хитлер.
Во Модин Илит, полицајците дојдоа во градинката која беше отворена и покрај забраната за работа поради епидемијата, а таму десетици жители им се спротивставија и го блокираа патот во обид да ги спречат да заминат. Полицијата го казни управителот на градинката и побара децата да бидат испратени дома, а две лица беа уапсени, пренесуваат израелските медиуми.
Денес, десетици верски училишта „Јешива“ се повторно отворени, иако им беше наредено да се затворат, како и сите други училишта, поради брзото ширење на инфекцијата со коронавирус.
Израелските медиуми известуваат дека училиштата во Беит Шемеш, Ашдод и Ерусалим, кои се практично затворени од воведувањето ограничувања по трет пат низ целата земја, припаѓаат на екстремни секти и најголемите заедници на ултраортодоксните Евреи.
Бројот на деца од такви семејства заразени со новиот вирус се намали од 500 на ден на 200 во последните две недели.
Во вторникот вечерта, возач на автобус во Бејт Шемеш бил нападнат од двајца патници кои одбиле да носат маски, поради што автобуската компанија привремено го прекинала возењето во тој град.
Речиси секојдневните судири на ултраортодоксните Евреи со полицијата, која се обидува да обезбеди почитување на „заклучувањата“, кулминираше во неделата кога беа оштетени два автобуса во градот Бнеи Брак близу Тел Авив, а еден беше запален и возачот бил нападнат.
Насилството предизвика остри осуди, а еден од двајцата главни рабини во Израел, Јицак Јосиф, ги нарече бунтовниците „млади деликвенти кои го сквернават Божјето име“.
Извештаите за отворено кршење на мерките во ултраортодоксните заедници станаа почести, особено по отворањето на училиштата.
Израел одлучи од утре да ги затвори граничните премини кон Јордан и Египет и за Израелците и за странците, со цел да спречи влегување на нови видови на вирус во земјата. Само еден премин ќе биде отворен за да им се овозможи на жителите на Западниот брег да патуваат во Јордан и да се вратат.
Во Израел, меѓународниот аеродром „Бен Гурион“ беше затворен ноќта помеѓу понеделник и вторник за сите комерцијални летови до крајот на јануари. Премиерот Бенјамин Нетанјаху денес објави дека мерката ќе биде продолжена и предупреди дека е „само прашање на време“ кога ќе се појави вирус отпорен на вакцини, додека неговата земја го предводи светот според бројот на вакцинирани.