Унгарија ќе плаќа за испораките на гас во рубљи , изјави во средата премиерот Виктор Орбан , спротивно на одлуката на Европската унија. Рускиот претседател Владимир Путин ја предупреди Европа дека ризикува да остане без гас доколку не ја почитува одлуката за исплата на гасот во рубљи, со која Москва одговори на европските санкции воведени кон Русија поради инвазијата на Украина.
Унгарија е подготвена да плати за испораките на гас во рубљи доколку Русија го сака тоа, изјави премиерот Орбан на прес-конференција за Ројтерс. Европската комисија посочува дека договорите за рускиот гас се направени за плаќање во евра или долари и дека тоа треба да се почитува.
Шефот на унгарската дипломатија претходно изјави дека Европската унија „не учествува“ во договорот што Будимпешта го склучува со Москва бидејќи станува збор за билатерален договор меѓу унгарската компанија МВ и руски Гаспром. Унгарија е една од неколкуте земји-членки на ЕУ кои ги отфрлаат енергетските санкции на Брисел против Москва. Земјата е силно зависна од рускиот гас и нафта и потпиша долгорочен договор за снабдување минатата година со кој Гаспром се обврзува да испорачува 4,5 милијарди кубни метри годишно.