Најголемиот стадион во Македонија од денеска го носи името на Тоше Проески.
Одлуката за преименување беше донесена на денешната седница на Владата, што е трета промена на името во последните десет години. Во 2009, Градски стадион стана арена „Филип Втори“, а потоа, во 2016 и 2017 година, се викаше „Телеком арена“, врз основа на спонзорството на „Македонски телеком“.
„Утрово е донесена одлука за преименување на стадионот во Национална арена ‘Тоше Проески‘, во чест на личноста која остави траен белег во македонската и во регионалната современа историја“, изјави портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.
Ова е еден од ретките примери во светот стадион или спортски објект да се именува според личност од поп културата. Стадионот во Грац (Австрија) неколку години го носеше името на холивудската ѕвезда и поранешен гувернер на Калифорнија, Арнолд Шварценегер.