Македонија

Хоспитализирана пратеничка на СДСМ Кети Смилевска од Прилеп поради корона

Кети Смилевска до ВМРО-ДПМНЕ: Aко не помагаат, барем да не одмагаат

Пратеничката на СДСМ од Прилеп, Кети Смилеска, е заразена со корона вирус. Таа  ја потврди оваа информација за медиумите, истакнувајќи дека резултатот од тестот го добила денеска, а од саботата е хоспитализирана во инфективното одделение во прилепската општа болница со средна клиничка слика. Симптомите на болеста ги чувствувала неколку дена наназад, вели дека не знае од каде ја добила болеста затоа што постојано седела дома и избегнувала контакт со други лица.

Смилеска рече дека се чувствува добро иако има температура, бронхоплеумонија и омалаксаност. Упати голема благодарноста до целиот медицински персонал во прилепската болница, но и апел до прилепчани да ги почитуваат мерките затоа што станувало збор за навистина опасен вирус. Ги охрабрува сите кои се заразени со Ковид 19 јавно да признаат за да се проверат сите лица кои претходно биле во контакт со нив, како начин да се стопира понатамошното ширење. Упати и критика до прилепчани да не се собираат во групи и да ги избегнуваат дружбите и седенките.

Полека Прилеп како да станува нов центар на корона вирусот во Македонија. Денеска на Клиниката за инфективни болести во Скопје почина 66 годишен прилепчанец, што е трет смртен случај како последица на коронавирусот во Прилеп.

Бројот на ново заразени денеска е 10, а вкупниот број на граѓани со Ковид 19 во градот под Марковите Кули е 85.

Прилеп е и првиот град во Македонија каде армијата од вчера излезе на улиците и прави ред да нема турканици и гужви пред сите поголеми маркети во градот и експозитурите на банките. На тротоарите пак пред сите банки и маркети се залепени налепници на кои пишува „СТОЈ ОВДЕ“ и тие се поставени на она препорачано растојание од минимум 2 метри.

Related posts

Leave a Comment