КОЈ МЕНЕ ВСУШНОСТ, МЕ ОДНЕСЕ НА СУД???
Утре, на 30 Јануари во 11,30 часот во Основен суд Скопје по барање на Лекарската Комора на Македонија, ќе ми се суди за навреда и клевета.
Во тужбата која е потпишана од претседателката на ЛКМ Калина Гривчева Старделова а е во име на сите членови лекарската комора, се тврди дека јас на ЛКМ сум нанела голема навреда и штета на нејзиниот углед, заради што од мене бара да платам отштета од 3 000 евра и јавно да и се извинам.
Во врска со барањето да се извинам, јас им напишав едно ОТВОРЕНО ПИСМО :
ОТВОРЕНО ПИСМО ДО МОЈОТ ТУЖИТЕЛ, ЛЕКАРСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА
Признавам дека излегов од рамките на вашите закони. Признавам дека станав непослушен ваш член, признавам дека се „одметнав“ , но сфатете ме, кај вас ми стана многу тесно и загушливо, почнав да се гушам, почнав да не можам да дишам, морав да отворам прозор. Но вам ви студеше од свежиот ветар низ прозорероцот и вие го затворивте. И јас морав да излезам надвор! Ете тоа е мојата вина.
Надвор од вашите закони и строги прописи, мојата свест ја доби својата слобода. Таа слобода ме одведе до големи сознанија. Дознав колку многу луѓе можат да се излекуваат со здрава исхрана, дознав колку многу луѓе страдаат заради преголеми дози на лекови, дознав колку многу луѓе се борат со години со тешки болести и колку многу луѓе умираат од болести кои многу лесно можат да се излекуваат. Дознав дека многу тешки операции можат да се избегнат. Дознав дека човечкото здравје треба да биде извор на целата среќа на човечкиот род и дека тоа нема цена. Дознав дека парите се ништавни во однос на моќта на среќата и сободата.
Дознав дека медицината всушност е прекрасна наука, многу моќна и многу корисна, но само ако се спои со слободата и свеста на лекарот, само ако се спои со чувството на хуманост и потребата од слобода.
Најпрво вашите закани кон мене ги чувствував како навреда и ме обземаше лутина. Но чувството на слобода, ја победи лутината и навредата која ја чувствував исчезна. Затоа јас веќе немав желба да ве тужам. Помислата дека ние, лекарите ќе се влечкаме по судови ми стана многу тешка.
Нашата мисла и нашата хуманост треба да е над сите закони. Затоа сфатете ме! Не сум јас за по судови и затоа ве молам немојте да ме влечкате по тие ходници, каде јас треба да ја докажувам мојата професионалност и хуманост. Мислев дека ќе можам, ама… Замислете, од една страна седам јас, а од другата седи вашиот адвокат со еден куп хартии пред него, а во хартиите напишана вашата лутина. А вас ве нема… Не можев да сфатам, што има овој адвокат со нашата лекарска мисија…? И што има оваа зграда на закони и норми, со нашата лекарска етика и меѓусебно разбирање?
Јас сосема добро ве сфаќам дека вие сеуште не можете да го видите затворот на вашите прописи и наметнати правци на размислување и токму затоа се чуствувате навредени. Кога би можеле да си ја дозволите слободата и моќта на вашата свест која ја поседувате а која ја потиснувате, вашето чувство на навреда ќе исчезне засекогаш и ние лекарите сите заедно можеме да создадеме еден нов свет, свет на здрави луѓе и свет на среќни и задоволни лекари.
Сфатете ме! Не можам да одам по судови, не сум јас за таму! Со закони и прописи ли ќе си пресудуваме. Ако не можете да ме сфатите, ајде кажете колку треба да платам за вашите чувства, ќе дојдам во Комората и ќе ви ги избројам парите. Но ако сте решиле законски да ме казнувате, подобро затворете ме во затворска ќелија отколку во ќелијата на умот. Јас повеќе таму не се враќам! И да сакам да се вратам, не можам… таквиот ум јас повеќе не го поседувам…
Но мене како на доктор, професионалец, ми е многу нејасно, како може париве да ја залечат „навредата“. Јас досега, искрено, не знаев дека парите имале толку исцелителна моќ… Тоа досега во медицинската наука и практика не сум го сретнала… Затоа имам голем сомнеж, дали позади ова навистина стои лекарската комора каде членуваат лекари професионалци или можеби се работи за нешто друго…??? На кого јас му засметав…??🤫
П.С. Ве молам споделувајте, можеби „навредениот“ сепак утре ќе се појави!!
Д-р Јадранка Бибан